Централниот комитет на ВМРО денес ќе свика Конгрес за избор на наследник на Груевски

by Фокус 10:32
10:32

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска попладне ќе оддржи седница на која треба да ја потврди одлуката за оддржување на вонреден партиски конгрес на 23 декември во Валандово, кога треба да се прифати оставката на Никола Груевски и да се избере нов претседател партијата, кој потоа би формирал и ново партиско раководство.

Досега, единствено довчерашниот директор на Државниот архив, Филип Петровски, јавно потврди дека ќе се кандидира за партиски лидер. Тој обезбедил поддршка од најмалку 30 делегати штом најавува кандидатура, меѓутоа упатените не му даваат сериозни шанси за победа, туку неговиот потег го толкуваат како обид да се наметне и факторизира при идните внатрепартиски разврски, кога, поради освоените гласови на Конгресот, би добил одредена партиска функција.

- Advertisements -

Како најсериозни претенденди за партискиот престол се споменуваат генералниот секретар Христијан Мицковски, чија најголема предност е поддршката што ја има од партискиот лидер Груевски и од Сашо Мијалков, иако, како што велат партиски извори, тие нема отворено и директно да влијаат врз иборот на лидер како што тоа во 2003 година го напрви Љубчо Георгиевски токму со Груевски.

Покрај Мицковски, амбиции за лидерската позиција имаат поранешните министри за надворешни работи Никола Попоски и Антонијо Милошоски и координаторот на пратеничката група Илија Димовски, кои, се пред ситуација секој да трча за себе, да се договорат да застанат зад еден кандидат, при што другите би биле потпретседатели и дел од најтесното раководство. Постои и опција некој од нив индивидуално или сите заедно да го поддржат Мицковски, но таа е најмалку реална.

Од партијата велат дека кој ќе се кандидира и какви табори ќе се формираат ќе се знае на почетокот на следната недела, откако денес Груевски дефинитивно ќе ја потврди намерата да се повлече од лидерското место во партијата, на кое дојде на партискиот конгрес во Охрид во 2003 година.

Поврзани новости