Цели 20 години тргавме маки, татко ми во самоодбрана спаси шест животи, вели синот на битолчанецот кој го уби зетот

by fokus

Денеска во 12 часот пред битолскиот суд ќе се одржи мирен протест поради притворот на битолчанецот Тони Ѓ. (62), кој завчера со пиштол го уби зетот за ќерка Стојанче С. (44) откако тој со мачета насилно му упаднал во домот и се заканувал.

Тој е осомничен за убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик, а семејството тврди дека делото го сторил во самоодбрана и бара да биде пуштен дома, да се брани од слобода.

-Татко ми го стори делото во самоодбрана, спаси шест животи заедно со неговиот, за ,,Фокус” раскажува Јове, син на Тони.
Вели дека цели 20 години нивното семејство тргало маки со поранешниот зет.

-Пријавувавме во полиција, социјални служби, ама се беше залудно… Ние не криеме ништо, ќе ја кажеме целата вистина. Татко ми си ја бранеше фамилијата.

Протестот уредно е пријавен во полиција, бараме тој да биде пуштен да се брани од слобода, за дело сторено во самоодбрана – ни изјави Јове.

Информацијата за протестот е споделена на социјалните мрежи, каде јавноста му дава максимална поддршка на Тони, а многубројни се и коментарите на битолчани, кои знаеле за ситуацијата на семејството и за долгогодишните проблеми кои ги имале со поранешниот зет.

Како што соопшти ОЈО, Стојанче вооружен со долг нож, започнал да удира со клоци по дрвената влезна врата од домот на Тони Ѓ. и ја скршил. Штом влегол во домот, во претсобјето бил пречекан од Тони кој пукал директно во него со пиштол ,,бајкал” што го поседувал со дозвола. Го застрелал со два последователни истрели, па Стојанче веднаш паднал и починал на самото место.

Инаку, Стојанче бил познат на полицијата како прекршител на законот и имал одлежано затворска казна.

Вики Клинчарова

Поврзани новости