Цела пратеничка листа на СДСМ во втората изборна единица во изолација

by Фокус 20:38
20:38

По обелоденувањето на веста дека потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири е позитивен на Ковид 19, сите кандидати за пратеници на владејачката партија во втората изборна единица заминаа во домашна изолација.

Како што велат дел нив од Фокус, после вчерашниот настан во Куманово на кој присуствуваа сите 20 кандидати за пратеници, меѓу кои и Зекири, заминале во домашна изолација по спроведена епидемиолошка анкета или по сопствена иницијатива.

- Advertising -

-Се уште не сум стапил во контакт со надлежните, но моја индивидуална одлука е да останам дома додека не го направам тоа – вели Дарио Николовски, кој воедно е директор на Државен студентски дом.

Инаку, носител на оваа пратеничка листа е техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој веќе се тестираше и резултатот е негативен, меѓутоа најави дека во следниот период од дома ќе управува со владата се додека не добие препораки од епидемиолозите.

За разлика од него, втората на листата Сања Лукаревска, директорка на УЈП, испадна позитивна на тестирањето иако немаше никакви симптоми, поради што во следниот период исто така ќе биде изолирана.

Четврта на листата е Даниела Марковска, која е прв човек на скопската дирекција на УЈП, а воедно во изолација се уште десетина раководители и службеници кои имале контакт со директорката.

-Поради вчерашниот состанок, на кој бев максимално заштитена, денес одлучив сама да се изолирам за добро на сите – вели Марковска.

После неа следуваат директорот на Службен весник Мартин Костовски, екс градоначалникот на Арачиново Бастри Бајрами, пратеникот Мирослав Јовановиќ, дополнителната заменичка министерка за труд и социјала Санела Шкриељ,  дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска…

Поради контакт со Зекири, во изолација заминаа и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, владиниот советник Марјан Забрчанец и други.

В.С.

Поврзани новости