Цела година ме „селат” во Словенија, но јас до крај останувам градоначалник на Неготино!

by fokus

Неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов, кој е специјалист по интерна медицина среде мандат си заминува во Словенија, и ќе работи во Здравствен дом Љубљана, е темата која изминатиов период е актуелна во Тиквешијата.

Од Неготино, но генерално и од цела Македонија, голем број на лекари во годините наназад заминаа да живеат и работат во здравствените установи во Словенија, а многумина за своја дестинација ја избрале и Германија, Хрватска, Англија…

Сепак, како што за ,,Фокус” открива д-р Стојанов, тој ја разгледувал можноста за преселба во Словенија во 2011 година, но тогаш со семејството решил дека сепак ќе остане во земјава.

-Ме ,,селат” веќе подолг период, и не знам од каде доаѓаат овие приказни кои немаат никаква основа. Морам да ги разочарам сите кои можеби помислија дека ќе го прекинам својот градоначалнички мандат, дека јас останувам во Неготино, на функцијата градоначалник, и не сум ни помислил да заминам во Словенија, посебно не сега, кога пред себе имам големи одговорности како прв човек на општината.

Идејата за преселба во Словенија, каде заминаа многу мои колеги со своите семејства, ја разгледував во 2011 година, значи пред 11 години. Уште тогаш со семејството одлучивме дека остануваме во Македонија, и еве, овде сме, работиме, се трудиме да бидеме од корист на нашето општество – вели градоначалникот.

Додава дека што и да се случи, тој останува на чело на општината до крајот на својот мандат, а шпекулациите дека наводно фамилијарно се сели, им ги препишува на своите политички ривали.

-Овде сум, достапен на моите сограѓани, и нема место за други приказни, вели д-р Стојанов.

Од Тиквешијата, односно од Неготино и Кавадарци во изминатите години голем број на лекари се преселија во Словенија, заедно со своите семејства, и како што раскажуваат повеќето од нив, не планираат да се враќаат назад во земјава, освен на летување.

Велат дека платите во Словенија се едни од највисоките на Балканот, околу 3.000 евра месечно, плус дежурства кои се плаќале околу 800 евра месечно.

Тие суми на пари за белите мантили во Македонија, појаснуваат дека се научна фантастика, и токму финансиите биле најголемата причина поради која се одлучиле да ја напуштат земјата.

Според податоци од Лекарската комора, лани биле поднесени околу 160 барања за потврди за странство од страна на наши лекари. Во 2020 година барања поднеле 120 доктори, а пак во 2019 година 170. Некои од лекарите заминувале да работат, а пак некои на едукација и доедукација.

Вики Клинчарова

Поврзани новости