Царовска во одбрана на децата: Некои од нас никогаш не се соочиле со социјален ризик во животот!

by fokus

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска смета дека малите групни домови не се затвор и верува дека во иднина ќе се реши ситуацијата со децата кои се соочиле со социјален ризик.

– Малите групни домови не се затвор. Тие се од отворен тип. Овие деца се соочувале со социјални ризици со кои поголем дел од нас не се соочиле никогаш во животот. Службите не само што се присутни, туку се таму 24 часа. Тоа е проверено од сите инспекциски служби во Министерството. Но, поддршката од заедницата е најважна во овој момент. Во Скопје вакви домови има многу, не е само овој во Визбегово. Може да се случи некое дете да ја напушти куќата во одреден момент, но важно е за колку време ќе се врати, каде било, што ќе се преземе и тоа се прави. Системот на социјална заштита нуди поддршка, па има простор за грешка, па пак поддршка, се додека не престанете да правите грешка. Значи, овие институции се отворени и никогаш нема да станат затворени зашто тие се викаат затвор, а не мал групен дом, потенцира министерката.

Таа изрази верба во, како што рече, силата и мудроста на нашиот народ и во разумот.

-Како што покажавме во Тимјаник дека доаѓаме до заеднички решенија, така ќе покажеме и во Визбегово. Навистина очекувам дека во наредниот период сите заедно, и населението во Визбегово и ние како институции, ќе покажеме дека можеме да им понудиме отворена рака, отворена прегратка и дека заеднички можеме да го подобриме нивното живеење. Се надевам дека со тоа ќе покажеме успех и отвореност и за другите прашања во општетството на кои се гледа со стигма и дискриминација и дека ќе можеме да ги надминеме, рече Царовска.

Поврзани новости