Царовска: Училиштата не се трансмитери на вирусот и засега остануваат отворени

by Fokus

Сите мерки кои ги спроведовме ценам дека се добри и го дадоа очекуваниот ефект. Се почитуваат правилата и можеме да констатираме дека училиштата не се трансмитери на вирусот. Имаме помалку од еден процент заразени ученици и наставници во училиштата. Така што, сега засега тие остануваат отворени за учениците од прво до трето одделение и за оние ученици од погорните одделенија каде има можност да се следи настава во училница. За секоја промена, јавноста навремено ќе биде известена, вели во интервју за МИА министерката за образование и наука Мила Царовска.

Таа е задоволна како се одвива наставата од почетокот на учебната година на 1 октомври, посочувајќи дека над 90 отсто од учениците во државата успешно следат онлајн-настава, а се намалува и бројот на деца кои немаат ИТ-уреди. Вели дека сè уште има предизвици, но и очигледни заложби за нивно елиминирање.

За претстојното оценување и колку на далечина тоа ќе биде објективно, министерката напомнува дека има опција да се организира проверка и со физичко присуство под строги протоколи.

Царовска во интервјуто укажува и дека МОН преку блок-дотациите има обезбедено пари да се плати прекувремената работа на наставниците кои, како што наложуваат здравствените протоколи за најмногу 20 деца во училница, работат одделно со две групи од исто одделение. Очекува наставниците да го добијат дополнителниот приход потсетувајќи дека тоа е и законска обврска.

– Оваа учебна година е сосема различна од сите претходни, бидејќи се организира во услови на пандемија, во исклучително специфични околности кои создаваат предизвици од аспект на еднаков пристап и идентично образование за сите ученици. Ова го велам затоа што наставата во училница е најефикасниот модел за едукација на учениците, за кој нема подобра алтернатива. Но, тој не е возможно да биде достапен за сите во моментов. Оние држави кои го направија тоа, видовме кој беше исходот. Државата и институциите на системот предводени од Министерството за образование и наука имаат должност да обезбедат непречен образовен процес за сите ученици и тоа по модел кој го наложуваат приликите. Затоа и преку еден инклузивен пристап со учество на многу засегнати страни креиравме еден план за комбинирана настава – во училница и онлајн, со кој на ниедно дете не му е скратено правото на образование. По еден месец настава во оваа учебна година, задоволна сум од тоа како таа се одвива и, истовремено, благодарна првенствено на раководствата на училиштата и на наставниците, но и на родителите кои се трпеливи и вложуваат дополнителни напори и време за сè да биде како што е испланирано, вели таа.

Царовска потврдува дека постојат предизвици, но сепак во моментот  онлајн наставата успешно ја следат над 90 проценти од учениците на ниво на држава, а од ден на ден се намалува бројот на деца кои се без уреди и за кои станува достапно онлајн-учењето благодарение на ангажманот на градоначалниците, училиштата и компаниите.

– Сите мерки кои ги спроведовме, ценам дека се добри и го дадоа очекуваниот ефект. А тоа е резултат и на нивното почитување. Се почитуваат правилата и можеме да констатираме дека училиштата не се трансмитери на вирусот. Имаме помалку од еден процент заразени ученици и наставници во училиштата. Така што, сега засега остануваат отворени за учениците од прво до трето одделение и за оние ученици од погорните одделенија каде има можност да се следи настава во училница. За секоја промена, јавноста навремено ќе биде известена и бидете сигурни дека секоја одлука, како и досега, ќе се носи по препорака на Комисијата за заштита од заразни болести, бидејќи тоа експертско и стручно тело најдобро знае како треба сите ние да постапуваме во секоја прилика, согласно со развојот на епидемиолошката слика и трендовите во глобални размери по однос на ова прашање, појаснува таа..

 

 

Поврзани новости