Царовска: Учениците од дуалните паралелки ќе добијат стипендија од 3500 денари

by Fokus

Околу 2000 ученици од дуалните паралелки во средните стручни училишта, од септември ќе добијат стипендија во висина од 3.500 денари месечно, најави министерката за образование и наука, Мила Царовска. Во интервју за ТВ Алсат, Царовска рече дека од есен ќе стартуваат 97 дуални паралелки.

-Има стипендирање и за другите струки кои што не се дуални, а сепак се потребни, како машинска, електротехничка и таму се предвидени 200 стипендии од 2.200 денари за ученици, за да можеме и нив да ги мотивираме, да изберат средно стручно образование, изјави Царовска.

Конкурсот за упис во средните стручни училишта е направен врз основа на потребите, утврдени во социјален дијалог меѓу училиштата, локалните самоуправи и компаниите, посочи Царовска, според која, некои струки ќе се исфилтрираат и модернизираат за да одговараат на потребите на реалниот сектор, а во исто време да бидат атрактивни за младите.

-Точно знаете и како родител и како ученик, дека во тоа училиште, таа паралелка има интензивна пракса во одредена компанија. Тоа ви дава простор да укажете на учениците и на родителите, дека тие работодавачи се подготвени понатаму, овие ученици да ги абсорбираат во своите компании по завршување на средното образование. Правиме две можности за еден ученик, ако заврши со средно образование да има директно вработување или пак подобра стартна позиција за во високото образование, порача Царовска.

Поврзани новости