Царовска: Стратегијата за мали групни домови ќе го носи името „Тимјаник“

by fokus

Бидејќи случајот во селото Тимјаник се реши преку дијалог меѓу институциите и жителите, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска решила Стратегијата за  деинституционализација која треба да помине на седница на Влада, да го носи името „Тимјаник“, пишува „Призма“.

„Жителите на Тимјаник станаа симбол на хуманоста и доказ како нашите граѓани од радикално против стануваат поддржувачи на еден хуман процес“, вели министерката.

Станува збор за процес, кој ќе трае етапно во период од 10 години, а во кој институциите како „11 Октомври“, „25 Мај“, „Ранка Милановиќ“, Бања Банско, Домот за доенчиња во Битола, Специјалниот завод „Демир Капија“ веќе нема да постојат. Наместо тоа, луѓето и децата кои се сместени внатре, ќе бидат распределени во мали групни домови, односно во станови и куќи низ цела Македонија.

Веќе во првата половина на јули, сите 25 штитеници од Домот „25 мај“ ќе почнат да се селат во куќи со дворови на територијата на Скопје. Во секоја куќа ќе бидат сместени 5-7 деца, а ќе има и надворешен видео надзор.

Како што пишува „Призма“, Министерството ги најмило куќите на подолг период, а најголемото изненадување за Царовска било тоа што луѓето кои ги изнајмувале куќите, не дале никаков отпор дека во нивните објекти ќе бидат сместени деца со воспитно социјални проблеми.

За случувањата во неготинското село Тимјаник, и негодувањата на жителите кои се противеа на изградба на мал групен дом за чтири деца со попреченост, Царовска вели дека го очекувала тоа.

„Затоа и отидов таму. Мислам дека нашето население многу лесно се дезинформира, преку неколку луѓе кои ќе пробаат да пуштат различна информација од вистинската и се прави балон, па така луѓето лесно се подигнуваат против нешто што не го знаат. Со самото тоа што отидов лично да се видам, објаснив дека немам намера да го уништам селото, цела Демир Капија да ја населам во Тимјаник, дека бегалците ќе ги носам во Демир Капија, дека психијатриски болни лица ќе носам во селото, сè тоа беше невистина. И кога ги соопштив вистинските информации, уште веднаш, спласна енергијата на собирот.“

Поврзани новости