Царовска: Со јануарската пензија сите пензионери ќе добијат зголемување од 722 денари

by Fokus 12:13
12:13

Со исплатата на јануарската пензија, во месец февруари, ќе имаме зголемување од 722 денари на сите пензии во нашата држава. Како што расте економијата и минималата плата, така ги зголемуваме и пензиите, и сега имаме одржлив раст на пензиите. На овој начин ги остваривме барањата на пензионерите, истакна вицепремиераката за економски прашања и координација со економските ресурси, Мила Царовска на денешната средба со претставници на Сојузот на пензионери.

Царовска додаде дека со реформата што ја поставила Владата, заштедени се двојно повеќе финансиски средства, односно се очекувало да бидат заштедени две милијарди денари, а биле заштедени 3,7 милијарди. Со ова, како што појасни Царовска, се докажало дека навистина има одржливост во растот на пензиите.

– Покажавме дека како што расте економијата, како имаме раст на приходите кај работноспособно население или раст на минималната плата само минатата година од 15 отсто и пет отсто на просечната плата, на тој начин ги зголемуваме и пензиите во нашата држава, заради тоа што само на тој начин може да имаме одржлив раст на пензиите, рече вицепремиеарката.

- Advertising -

Според претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајкова која присуствуваше на денешната средба, пензијата претставува лично материјално и неотуѓиво право утврдено со Закон.

– Од 1 јануари 2020 година се утврди дека сите пензии за сите категории на пензионери, нивната пензија ќе им биде зголемена за 722 денари. Тоа значи дека овој износ од 722 денари ќе биде засметан во висината на пензијата и тој ќе се користи трајно и неограничено. Овој износ ќе претставува основа за усогласување на другите зголемувања што ќе следуваат во иднина, додаде Трајкова.

Кога станува збор за усогласувањето на пензиите, Трајкова потенцира дека Сојузот на здружение на пензионери го следи Институтот за усголасување на пензиите и параметрите, односно индикаторите од кои зависи усогласување на пензиите и тогаш кога ќе бидат исполнети условите, Сојузот ќе побара да се оствари нивното законско право.

Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Шаип Зенели, на средбата истакна дека по долго време, првпат во земјава Владата имала слух да ги слуша и експертите од ПИОМ во делот на реформите што се одвивале последните три години, а сега даваат резултати.

– Треба да се напомене дека зголемувањето на пензиите не беше линеарно, туку е зголемување на основицата на пензијата. Тоа значи дека ова ќе трае, а се надеваме и дека во наредните години како што одат реформите, како што се зголемуваат приходите на Фондот на пензиско и инвалидско, ќе имаме и дополнително зголемување на пензиите, истакна Зенели.

Тој напомена дека последната година имало зголемување на приходите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од 10 отсто, што според него, е плод на сите реформи. Зенели додаде и дека растот на стапката на придонеси за 0,4 отсто, која годинава ќе биде поголема за уште дополнителни 0,4 проценти, исто така има голема улога во зголемување на бројот на вработени во земјава.

Поврзани новости