Царовска: Она што ние го направивме за три недели е децениски скок во дигитализација на образованието

by fokus 20:53
20:53

Во пресрет на почетокот на учебната 2020/2021 година, ресорната министерка Мила Царовска очекува дека најголем дел од учениците и наставниците утре без проблеми ќе може да се приклучат на „Мајкрософт тимс“ каде што се креирани часови по одделенија и дека наставата ќе почне со двонасочна комуникација.

Оваа апликација на „Мајкрософт“ поактивно ќе се користи додека се надминат слабостите со националната платформа која во моменти на напад, како што рече Царовска, не може да отвори одредени функционалности, кога во исто време се приклучени голем број наставници и ученици.

- Advertising -

– Она што ние го направивме за три недели е децениски скок во дигитализација на образованието во државата. Мене не може да ме прашате зошто не се инвестирало 15 години. Она што го имаме, со тоа располагаме, ова е огромна лекција зошто треба да се инвестира тековно и неодложно во образованието. Важно е образовниот процес да стартува, а ресурсите со кои располагаме се тие, рече Царовска вечерва во гостување во Дневникот на ТВ Сител.

Од околу илјада училишни објекти низ целата држава, над половината ќе организираат настава со физичко присуство. Ако родителите се премислат во одлуката и сакаат присуство наместо онлајн или обратно, министерката рече дека од училиштата и градоначалниците зависи флексибилноста односно  колку бргу може да се предаптираат капацитетите што родителите сакаат да ги користат. Притоа, таа нагласи дека наставата во овие услови е променлива, динамична и со многу предизвици и затоа нема универзално, туку индивидуални решенија.

За бојкотот што го најавуваат жители во Кичево и во Моноспитово кои бараат присуство наместо онлајн, Царовска рече дека мора да се почитува состојбата со вирусот и одлуката на здравствените авторитети зашто голем број ученици на едно место е голем ризик. И со претставниците на Средношколскжи сојуз, рече, е во постојана комуникација и дека се согласува со нив да се ревидира одуката за онлајн-настава во средните училишта доколку  се подобрува состојбата со заразата.

– Не дејствувавме врз основа на желби. И нашите желби се можеби различни, но важно е да се заштити здравјето на наставниците и учениците и да има континуитет на наставата. Бојкоти и протести нема да ја сменат одлуката за заштита на јавното здравје, а тоа е главната цел и сè се темели на факти и анализи. И ние сме за тоа училиштатата да ни се полни со ученици, но мора да се прилагодуваме на состојбата, Ова е нужност, не е ни желба, ни хир, истакна Царовска.

Поврзани новости