Царовска не се чувствува одговорна за случаите на обљуба на малолетници, велат од ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Мила Царовска мора да си замине од ресорот кој го претвори во министерство за негрижа и за партиски вработувања, остро реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во ек на огромни скандали поврзани со целосен колапс на системот на заштита на децата, со актуелен случај на силувана штитеничка на установа, како продолжение на хоророт кој што секојдневно го доживуваат децата во институциите водени од Царовска, таа се фали со партиски вработувања.

Царовска е најнеспособниот министер во оваа влада, а денешниот јавен настап го докажува тоа. Без трошка емоции за случај за напаствувано девојче таа се држи до правната терминологија и бега од одговорност.

Царовска веројатно и не се чувствува одговорна за случаите на обљуба на малолетници што е тешко кривично дело со казна затвор над 10 години кое по кој знае кој пат се случува пред очите на вработените! Царовска не разбира на колку одговорно место седи додека малолетнички се сексуално злоставувани, абортираат, се присилувани на секакви изживувања и хорори. Деца бегаат од установите и ги снемува во непознат правец, а таа вели „бегството на деца од домовите е вообичаена пракса“.

Царовска денеска во ек на скандали се фали со партиски вработувања и најава за нова партизација. Ако сака да зборува за градинките, Царовска нека одговори зошто беа истерани, или правно не им беа продолжени договорите на бројни воспитувачки и негувателки од градинките? За сега партиски да вработува? Ги остави децата без соодветна заштита, иако имаше полна уста зборови за групи во градинките кои нема да бидат поголеми од 20тина деца. Па Царовска колкави се групите денес? До каде е популистичкиот проект кој што го отпочна во септември лани за двосменско работење на градинките? Дали тој се одвива насекаде? До каде е достоинствената плата од 500 евра, меѓу другите и за негувателките која ја ветуваше заедно со Заев? Се сеќава ли Царовска дека прва работа што направи нејзината влада беше кратење на парите за изградба на градинки, и со тоа ја стопираше градинката во Кавадарци? Царовска, престани да бегаш од проблемите и да ја манипулираш јавноста додека родителите бараат видео камери во градинките заради хорор условите во кои што ги остават нивните деца. Партиските вработувања не ги подобруваат овие условите.

Ако навистина сметаш дека системот мора да покаже одговорност, почни од себе, ти си најголемиот репрезент на овој неодговорен систем, покажи ја личната одговорност и замини си од министерската фотеља“, додаваат од опозицијата.

Поврзани новости