Царовска: Најдоцна до февруари ќе се финализира концепцијата за основно образование

by fokus

Министерката за образование и наука Мила Царовска очекува најдоцна до февруари да се финализира концепцијата за основно образование, која од септември треба да стартува во прво и четврто одделение.

Во вечерашното гостување во Дневникот на телевизија „Сител“, министерката изрази задоволство што концепцијата се дефинира низ дебата, со прифаќање на конструктивни предлози.

За утре, како што најави, планирана е средба со претставници од академската заедница, а денеска се разговараше и дел од наставниците во основното образование.

Таа повтори дека новата концепција не значи дека нема да се изучува македонската историја.

– Никаде во концепцијата не пишува дека нема да се изучува македонската историја. Интеграцијата значи модуларно поставување на секоја научна дисциплина и интеграција врз основа на теми што укажува проблемско пристапување кон секое делче што го учиме за одредена тема. Притоа, секој ученик ќе добие оценка по историја, по географија, граѓанско…., појасни Царовска.

Се што ќе направиме е подобро од денес, вели Царовска, затоа што резултатите на меѓународните и домашните тестирања покажуваат функционална неписменост на нашите ученици.

– Нашите ученици не се помалку интелигентни од другите ученици, само им треба квалитетно образование кое ќе ги донесе до врвот, истакна Царовска.

Наставните програми се следната фаза. Во февруари на ниво на држава треба да се направи повик за наставните програми за прво и четврто одделение.

Поврзани новости