Царовска: Две парични награди за ученикот Давков, МОН го цени знаењето!

by fokus

Штипскиот основец Дамјан Давков ќе добие две парични награди од МОН, поради високите освоени места на меѓународни натпревари, информира министерката за образование Мила Царовска.

Таа му честиташе за постигнатите успеси и порача дека МОН го вреднува и цени трудот и знаењата на учениците.

-Упатувам најискрени честитки до ученикот, Дамјан Давков, до неговото семејство и до наставниците и менторите за подготовката и за постигнатите високи резултати на натпреварите и им посакувам уште поголеми успеси во иднина. Министерството за образование и наука на ученикот Давков ќе му додели две парични награди за освоени високи места на меѓународни математички натпревари, односно за освоениот сребрен медал на Јуниорска балканска математичка олимпијада и за освоениот бронзен медал на Балканската математичка олимпијада, одржани во текот на 2020 година.

Младите како Дамјан Давков се најдобриот репрезент на државата на меѓународно ниво и потврда дека имаме висок потенцијал кај учениците со кој ќе се обезбеди подобра иднина за општеството.

Ги охрабрувам учениците да го следат примерот на Давков, затоа што МОН го препознава и го вреднува нивниот труд и знаења – порача министерката.

-МОН се заложува и понатаму да креира нови и да ги унапредува постојните политики за поддршка на талентираните ученици, со цел овозможување на целосно остварување на нивниот потенцијал и секако стимулација за вложување на сопствените знаења и способности во развојот на Република Северна Македонија.
Младите се дел од целиот тој процес преку група формираната на иницијатива на министерката Царовска МОН-млади преку која даваат свој придонес во дефинирањето на новите мерки, активности, проекти и слично – информираат од министерството.

Дамјан, или како што го нарекуваат во родниот Штип, Штипски Питагора, е ученикот кој на почетокот на годинава се најде во центарот на вниманието, откако освои прво место на државен натпревар по математика, но МОН не му ја додели наградата, бидејќи според закон, таа им следувала само на ученици од средното образование. Поради тоа што бил основец, тогаш од МОН појаснија дека не ги исполнува условите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости