Царкњас мора да плати казна од 45.000 евра затоа што примил донација за изградба на македонска православна црква

by fokus

Македонскиот Свештеник и Архимандрит Никодим Царкњас мора да плати казна од 45.000 евра во данок, поради донација во вредност од 57.000 евра која ја примил за изградба на Македонска Православна Црква Света Злата Мегленска во С’Ботско (Аридеја). Грчката Канцеларија за Даночни Приходи во Воден (Едеса) го казнила Царкњас за лажно притајување на приходи во неговиот годишен даночен извештај, велат од Обединета Македонска Дијаспора.

„Бидејќи Царкњас само ги прифатил средствата како донација во корист на црквата во заедницата, тој и одговорил на Управата за Данок на Доход дека немал законска обврска да ги пријави како “приход”. Канцеларијата го одбила неговото барање и ја уважила казната. По поднесената жалба во јануари 2018 година, Царкњас бара поништување на илегално издадената парични казни. Ако грешката не се поправи, тој е подготвен да ја тужи јавната администрација за прекршување на даночниот законик и бесрамната нелегална дискриминација против него, врз основа на неговото етничко наследство и верскиот идентитет“, велат од ОМД.

Од таму додаваат дека Грција продолжува да ја оспорува верската слобода на Македонците во Егејска.

-Овие постапки на Грчката влада се јасен одраз на нивната државна политика да ги прогонуваат граѓаните кои мислат инаку, кои зборуваат различен јазик или веруваат во православна црква инаква од Грчката. Слободата на религијата е основна слобода која мора да се почитува универзално, на што Грција очигледно се спротиставува – вели претседателот на ОМД, Методија А Колоски.

Од ОМД потсетуваат дека анексијата на Егејска Македонија од 1913 година, Грција има извршено етничко чистење, културолошки геноцид и сурови злосторства против староседелците етнички Македонци во регионот.

„Дел од таа политика е да се оспори верската слобода на Македонците. Во современи времиња ова значи забрана за изградба на нови македонски православни цркви и замена на античките преку конфискација од страна на Грчката православна црква, процес кој вклучувал отстранување на антички икони и надгробни споменици. Неправдата против Архимандритот Царкњас се одвива со децении; како активист за човекови права, тој е уапсен повеќе од десетина пати, вклучувајќи и физички нападнат од грчки полицаец“, додаваат од таму.

Поврзани новости