Царинска управа: Досега не е увезуван отпад од спорната компанија

by fokus

Царинската управа тврди дека досега во земјава не е увезуван отпад од компанијата „Блацион“ ДОО од Бугарија откако таму се отвори истрага за нерегуларен увоз на 25 контејнери отпад од Италија во Бугарија.

„Согласно нашите податоци, компанијата ‘Блацион’ ДОО не се појавува како испраќач во увозна царинска постапка“, соопштуваат од Царинската управа.

Царинската управа дополнително го подигна степенот на проверка и контрола на секаков вид отпад и материи кои би можеле да го загрозат здравјето на граѓаните по најавите за истрага во соседството за увоз и согорување на опасен отпад од Италија.

– Согласно стратешките определби на Царинска управа во насока на безбедноста и здравјето на граѓаните, увозот и контролата на опасен отпад, како стока со ризик, секогаш е предмет на царинска контрола и во рамките на надлежностите на ЦУ истата се спроведува согласно законот. Тоа подразбира задолжително поседување на соодветна дозвола за увоз од надлежното Министерство, во случајов тоа е Министерство за животна средина и просторно планирање, велат од Царинската управа.

– Вкупната количина на увезен отпад за изминатата година е 2.215 тони за кои што секој увозник уредно доставил дозвола издадена од соодветното министерство и при тоа не станува збор за увоз на опасен отпад, порачувааат од Царинската управа и додаваат дека во 2019 година само една компанија користела гориво од отпад.

Со цел утврдување на евентуални неправилности, прецизираат, Царинската управа во соработка со Министерството за внатрешни работи презема активности во насока на истражување на увозот на отпад.

– Овие активности продолжуваат во континуитет и со други надлежни институции, а за исходот од истите јавноста ќе биде навремено информирана, потенцираат од Царинската управа.

Поврзани новости