Цаневска: Мене последна ме исфрлија на „црниот понеделник“, модриците долго ги чувствував

by Фокус

Гордост, бес и уште поголема желба за вистина – ова беше првата мисла што ми се јави кога ја слушнав веста дека Судот во Стразбур пресуди дека власта кога на најбрутален начин не исфрли на „црниот понеделник“, вели за Фокус Катерина Цаневска, една од новинарките што неше најбрутално исфрлена од собраниската галерија на 24 декември 2012 година.

-По дел од колегите и снимателите, обезбедувањето и некои лица, за кои тврдам дека не беа собраниско обезбедување, се нафрлија врз неколкумина и на крај останав последна во галеријата и врз мене. Последна ме исфрлија, влечејќи ме, со туркање и штипење. Модриците и подливите долго ме потсетуваа на Вартоломејската ноќ во Македонија. И се беше за пари, да не дознае јавноста каков криминален буџет треба да се изгласа – потсетува Цаневска.

Таа додава дека притоа најтрагично од се било тоа што додека биле тегнети и тепани новинари и пратеници, Народниот правобранител немо набљудувал и чекал само да биде реизбран, а Јавниот сервис воопшто не известил за настанот.

-Тогаш, пратеничка насилно се обиде да го одземе телефонот на бремената Маринела Тушевска Маричиќ, а тие кои во „бомбите“ се слуша како велат „ние сме лудаци, немаме за леб а чоколадо јадеме“, ја диригираа акцијата во салата. А, нашите колеги новинари од Јавниот сервис МТВ и други медиуми не дадоа вечерта ниту збор за тоа што се случи на галеријата – истакнува Цавенска.

Сепак, таа нагласува дека за неа и за многу други новинари кои тој ден беа во собраниската галерија е изненадување нетранспарентниот начин на кој се водела постапка пред Стразбур.

-Од видеото се гледа што се случуваше и кои новинари беа влечени и исфрлани на најбрутален начин. Затоа, за многумина е изненадување нетранспарентиот начин на кој некој ја водеше постапката. Добар дел не ни беа информирани, за да се вклучат и да го дадат својот придонес во разоткривање на вистината и казнување на виновниците, бидејќи лично видеа и доживеаја се – посочува Цаневска.

Инаку, Европскиот суд за човековите права донесе пресуда во врска со случајот на новинарите кои беа физички отстранети од собраниското обезбедување на седницата за носењето на Буџетот во 2012 година, бидејќи постои повреда на членот 10 и членот 6 од Европската конвенција за човековите права. Според пресудата, претседателот на Здружението новинари Насер Селмани, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски, ќе добијат по 5.000 евра.

Но, многумина новинари што беа отстранети од галеријата не биле дел од постапката, бидејќи воопшто не ни биле информирани за постапката, пред ЗНМ официјално да ја поднесе жалбата во 2014 година.

Поврзани новости