Трујач им пресуди на миленици во Битола, дури во 14 населби расфрлен отров!

by Фокус

Здружението Мали херои Битола и Фондација Бибевски информираат дека во Битола повторно низ градот сее смрт трујач на миленици. Дури во 14 населби бил расфрлен смртоносен отров во изминатите два дена, и голем број на домашни миленичиња и маалски кучиња биле убиени.

-Организирано масовно труење на кучиња и тоа маалски миленици кои се стерилизирани и вакцинирани од страна на Фондација Бибевски во Битола. Сите знаеме кој стои позади ова, не е поединец, поединец ќе фрли отров на едно куче, а не низ цел град во исто време. Информираме дека на 27-ми и 28.12.2020 година во 14 населби е фрлено големо количество отров и затруени се голем број на кучиња (едно се уште се бори за живот). Ние Здружение за заштита на животните МАЛИ ХЕРОИ Битола и Фондација Бибевски испративме претставка и кривична пријава со спроведен записник до СВР Битола и Основно јавно обвинителство Битола БАРАМЕ согласно со Кривичниот закон, да се спроведе казна за фатен сторител на дело. Труењето на бездомните животни и опасноста од расфрлање на отрови и отровни материи на јавни површини се сериозни проблеми со кои ние како граѓани многу често се сретнуваме и неопходно е да им се стави крај – потенцираат од здружението и фондацијата.

Бараат граѓаните кои имаат било каква информација за трујачот или трујачите, без двоумење да пријават во полиција. Потсетуваат дека според закон, сторителот може да добие висока затворска казна.

-Апелираме на граѓанска одговорност, совесност и свесност да во вакви случаи ВЕДНАШ повикаат полиција и го пријават делото. Очекуваме темелна истрага од полицијата, зошто фрлањето отрови е опасно за сите, и прашање е на време кога нечиј живот ќе биде загрозен. Потсетуваме дека отровот има подеднаква разорна моќ да за 5 минути убие и некое дете. Апелираме дека оној кој на ваков начин убива животни, не е стабилна личност и е опасност за секого. Потсетуваме и дека овие дејствија се забранети со закон и претставуваат Кривични дела, по членовите 218- загадување на животната средина, 232-внесување опасни материи во земја, 233-мачење на животни, 234-тешки дела против животната средина и можеби најважно 288-предизвикување општа опасност, од кривичниот закон на Р.М, за кои може да се добие казна затвор од 6 месеци до 10 години – порачаа од Мали херои и Бибевски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости