Трпе и неговото право

by Фокус

Не ги знаеме сите тажни човечки приказни од последнава деценија. Да ги знаевме, немаше така огорчено да зборуваме против присутните во спортската сала „Борис Трајковски“. Да ги знаевме, ќе го насочевме гневот кон оние кои навистина го заслужуваат. Не се повеќе од десетмина. Се думам дали да споделам со вас една од тие лоши прикаски, па си велам да го послушам Рацин:„ …прикаса горка на живот клет нанижи безгласна а така јасна.“

Си бил еден човек. Семеен, вреден, млад. Живеел во едно село во близината на главниот град. Човекот се викал Трпе. Трпе ја почитувал и ја сакал Партијата. Покрај тоа што бил редовен на состаноците, покрај тоа што бил активен во реализацијата на програмата на Партијата, давал и по некоја паричка – вон членарината. Партијата му се заблагодарила со тоа што му овозможила да обезбедува низа јавни објекти со зеленчук и овошје. Од заработката, со полно срце, Трпе одвојувал десеток за Партијата.  Врвеле така месеци и години. Трпе бил среќен и задоволен, Партијата исто така.

Еден ноември, Трпе забележал дека не му се платени продуктите што ги испорачал уште предходните два месеца. Малку се загрижил, ама ни на секунда не се посомневал во својата Партија. Поминувале месеци, а салдото во банка се празнело. Кога ептен згустило, Трпе земал кредит за да се подрасчисти со своите добавувачи. Трпел Трпе и се надевал дека кризата ќе помине и дека Партијата ќе се оддолжи раздолжи со него. Арно ама, не бивало. Кумел, молел Трпе да дојде некако до Благајникот, да се објаснат човечки дека куќата и нивата му се во залог, дека не смее ниту во село, ниту во град да се појави. После некое време го примил Благајникот. Трпе се израдувал на шансата, седнал спроти човекот со арогантен и гладен поглед. Раскажал се’ по ред Трпе, па прашал колку тоа треба да остави за Партијата за да се извлече барем малку од калта. Му се стегнало грлото кога го чул одговорот – „Се’! Се’ ќе оставиш на Партијата“.  sе вратил кутриот Трпе дома и утредента си починал. Не дотрпело срцето.

За жал, прикаската е вистинита. Само името на Трпе е измислено. Како симбол за уценетото мнозинството посетители на „спонтаниот собир“ на една Партија.

универзитетски професор Гордана Попсимонова

 

 

Поврзани новости