Тројца починаа поради снежната бура во Шпанија

by Fokus

Снежната бура „Филомена“ која ја зафати Шпанија ги зеде и првите жртви. Министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка на прес-конференција соопшти дека досега се пријавени три смртни случаи, пренесува „Би-би-си“.

Според шпанскиот весник „Ел Паис“, едната жртва е регистрирана во градот Зарзалехо, северозападно од Мадрид. Станува збор за 54-годишен маж кој е пронајден затрупан од снегот. Другите две лица, пак, биле однесени од поплавите во близина на градот Малага.

Снежната бура ја зафати Шпанија од вчера. Еден од најпогодените региони е Мадрид, каде бројни возила останаа заглавени по патиштата, а на терен излезе и војската за да помогне во спасувањето. Се затвори и аеродромот „Барахас“ и се откажаа десетици летови, градските автобуси во главниот град прекинаа со работа, а се суспендираа и голем број железнички линии.

Половина од земјата е во црвена зона на подготвеност поради предвидувањата за врнежите во текот на денешниот ден. Конкретно во Мадрид се очекува во наредните 24 часа да наврне дополнителни 20 сантиметри снег.

 

Поврзани новости