Тројца доктори на науки од Штипскиот универзитет од утре почнуваат штрајк со глад

by Fokus 13:33
13:33

Тројца професори од Економскиот факултет при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, кои тврдат дека незаконски се избркани од работа, од утре во 15 часот почуваат штрајк со глад, ако не бидат исполнети нивните барања, итно да се постапи соогласно предлозите дадени од Рефератите на Рецензентските извештаи и разрешување на Деканот на факултетот, Ристо Фотов поради нарушување на законитоста. Сите тројца, доктори на науки, Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски тврдат дека, доколку до петок не се решат нивните барања ќе почнат со штрајк, што ќе се случува првпат во земјава, универзитетски професори да штрајкуваат со глад.

Целата приказна почнува со прекршувањето на нивните права утврдени со законските прописи кои го регулираат изборот и професионалното унапредување на универзитетските професори. Професор Крсте Шајноски вели дека целиот проблем почнал откако тој и неговиот колега Костадиновски застанале зад нивната колешка Маргарита Матлиеска.

– Таа требаше да биде изберена пред шест месеци. Имаше низа пропусти и сето тоа беше незаконски спроведено. Ние баравме целата постапка да се врати од почеток. Тоа што застанавме зад правдината е гревот кој сега го плаќаме – тврди Шајноски.

- Advertising -

Според нив, во законски утврден рок е распишан конкурс за избор во повисоко звање, на кој се пријавиле сите тројца.  Наставно- научниот совет формирал рецензентска комисија која го доставила извештајот со позитивно произнесување за сите тројца.

– Потпишаниот рецензентски извештај, понатаму помина уште низ еден филтер, односно се достави на разгледување до тело во чиј состав влегуваат проректор за наука, проректор за настава, генерален секретар на универзитетот, декан на единицата, секретар на единицата, со цел утврдување на усогласеноста на рецензентскиот извештај со условите за постапката на избор соогласно Законот за високо образование и Правилникот за критериумите. И во овој случај, универзитетското тело даде позитивно мислење – се наведува во испратеното соопштение од професорите.

Според нив, откако трите рецензентски извештаи ги поминале сите потребни контроли, тие на 15 мај биле објавени во Универзитетскиот билтен број 124. Но, работите тргнуваат во друга насока.

– Во текот на нашето досегашно работење како доценти на Економскиот факултет, најсовесно, најодговорно и професионално ги исполнувавме работните должности. Според тоа беше очекувано и законски, нашиот избор да помине без никакви опструкции од Наставно-научниот совет, односно ова тело изборот да го изврши врз основа на оценката во рефератот на Рецензентската комисија како што налага Законот. Но, Наставно-научниот совет се произнесе негативно за изборот во повисоко звање, го поблематизира нашиот  работен однос, загрозувајќи го нашето уставно загарантирано право на социјална сигурност, како и професионален и научен развој, детално утврдено и разработено со цитираните закони – се наведува во соопштението.

Тие додаваат, дека во ваквата постапка, воопшто не се потенцираат причините за гласањето наспроти дадениот предлог од Рецензентската комисија, односно никој не ги образложува елементите за прекинување на нивниот работен однос и напредокот во кариерата.

Тројцата професори итно се обратиле и до Самостојниот синдикат за образование, наука и култура од каде што добиле поддршка во нивните барања. Од СОНК  испраќаат известување до Министерот за образование, Директорот на трудова инспекција и до Ректорот на штипскиот Универзитет. Од таму бараат надлежните органи да ги преземат сите мерки, со цел да се најде прифатливо и законско решение за овој случај и да се одбегне веројатноста, првпат во високото образование да се случи штрајк со глад заради бранење на правата од работен однос.

– Раководството на СОНК смета дека доколку дојде до реализирање на најавата на споменатите професори, тоа ќе создаде исклучително негативни последици и во однос на УГД -Штип, но секако и пошироко во државата. Заради тоа, со дополнително убедување од сложеноста на случајот, очекуваме веднаш да бидат преземени мерки од ваша страна и за истите да бидеме навремено известени – се наведува во дописот од СОНК.

„Фокус“ се потруди да стапи во контакт со деканот на Економскиот факултет, Ристо Фотов за да ни ги објасни случувањата и проблемите на факултетот. Но, тој не одговараше ниту на нашите телефонски повици, ниту на испратените смс -пораки.

Поврзани новости