Тројна круна „Најдобра банка во Македонија“ за Охридска банка Сосиете Женерал

by fokus

Охридска банка Сосиете Женерал ја завршува тековната 2016 година како добитник на интернационалната награда „Најдобра банка во Македонија“, доделена од „The Banker“. Оваа награда доаѓа на врвот на претходните две во истата категорија, доделени во првата половина од годината од „Euromoney“ и „Global Finance“.

„Јас сум професионално и лично многу почестена. Ова е многу голем успех на нашата банка! 2016 – та година е исклучително успешна година за Охридска банка Сосиете Женерал. Во банкарството на светско ниво, постојат три најважни авторитети: Global Finance, публикација на Светска банка oд Вашингтон, Euromoney од Лондон и The Banker, публикација на престижниот магазин Finacial Times, кој оваа година слави 90 години постоење. Охридска банка Сосиете Женерал во оваа 2016 година доби награди од сите три институции за „Најдобра банка во Македонија“. Во април Global Finance, во јули Euromoney и минатата недела во Лондон – The Banker. Ова претставува хет – трик (hat – trick) или тројна круна – најголем успех досега на нашата и ваша банка , “ – изјави Бранка Павловиќ, претседателка на Управниот одбор на Охридска Банка Сосиете Женерал.

Добивањето на трите награди во период од само една година е резултат на континуираните заложби на Банката да претстави сосема ново ниво и квалитет во традиционалното банкарско портфолио на македонскиот пазар.

Целта на Банката е постојано да нуди квалитетни и транспаретни производи и услуги, кои ги исполнуваат, па дури и надминуваат очекувањата на клиентите.

Едно од основните, но не и единствените мерила на успехот на Банката е остварениот финансиски резултат кој од секој аспект на оперативните активности достигнува рекордно високо ниво.

Во 2016 година Охридска банка Сосиете Женерал бележи раст во сите сегменти од работењето. Во првите 3 квартали остварена е нето добивка за 15% повисока од онаа остварена во истиот период минатата година. Растот на вкупниот биланс на состојба изнесува 9,6%. Зголемувањето на кредитните пласмани изнесува 12%, додека депозитите од население се зголемија за 5,7% во однос на истиот период лани. Паралелно, квалитетот на кредитното портфолио останува на одлично ниво, со учество од 5,4% на нефункционални пласмани, што е значително помало од просекот на банкарскиот сектор.

„Овие достигнувања се резултат на кориснички ориентираната стратегија на Банката. Нашите клиенти и нивните потреби се примарен фокус во креирањето на понудата и пласманот на производи и услуги. Наша цел е да бидеме прв избор на корисниците и најпрепорачана банка во Македонија.” – додаде Бранка Павловиќ.

Преку своите деловни и општествено одгoворни активности, Охридска банка Сосиете Женерал вели дека подеднакво создава дополнителни вредности за своите вработени, клиенти и заедницата во целост, како добар корпоративен граѓанин во земјата.

Во периодот што следи, фокусот останува на потребите на клиентите, преку обезбедување на иновативни и поволни производи и услуги за нив. Иднината предводена од дигиталните трансформации и модернизираниот профил на клиентите, ги насочува плановите за развој на Охридска банка Сосиете Женерал во правец на следење и одржување на темпото на трансформација, со амбиција да остане една од водечките банки во Македонија, обезбедувајќи одржлив раст и профитабилност.

Поврзани новости