Тркалото се врти

by fokus 20:00
20:00

Пишува: Петар Богојески

Убаво кажале старите, тркалото се врти! И навистина, само малку да сакаш да погледнеш реално, ќе забележиш страшно завртување на тоа тркало. Каде беше „исплашениот струмички градоначалник“ пред само неколку години, а каде „горделивиот вечен премиер“ Груевски? Исто и нивните екипи. Заев апсен, амнестиран, контролиран, сниман… проценет како пропадната инвестиција на СДСМ, лесен залак за моќната машина на ВМРО ДПМНЕ.

- Advertisements -

Груевски безгрешниот, полн во себе, уверуваше како тоа ќе го намачка на лепче зајчето на локалните избори во Струмица. Се сеќавам на малкумина што повторувавме како папагали, никого да не потценуваме, а Заев е најмалку за таков третман. Што е резултатот денес? Заев е премиер, Груевски е осудуван и под прогон на уште многу предмети, во бегство од својата татковина, која ја управувал пред само неколку години. Екипата од Груевиот „прв ешалон“, како Мијалков, Јанакиевски, Јанкулоска, Камчев… се во затвор. Тие што тврдеа дека Заев го чекаат долги, долги години затвор, денес се во затвор, а тој им е премиер. Кое вртење на тркалото. Дури неверојатно.

Тогаш во тоа време беше ерес да се спомне дека тркалото ќе се заврти. Секој кој од нас ќе спомнеше, беше предавник, љубоморен на блескавата свита на големиот Грујо, маргиналец без иднина. Денес тие централните ликови, реализираните, безгрешните се во затвор. Значи тркалото се врти и се врти и се врти. Денес го слушаме истото. Кој ќе спомне на свитата на Заев дека тркалото се врти, или е грујовист или антиевропеец, љубоморен на блескавиот премиер од Преспа и тн. Веќе видено, веќе чуено. Но, историското тркало се врти не зашто така одлучуваат полтроните од свитата, туку зашто така е законот на природата. Кој се обидел тоа тркало да го запре, останал како мелено месо. Тоа не се запира. Тоа значи дека денешната свита ќе биде заменета со друга екипа… па, таа со друга… сѐ додека постои човештвото. И тоа да се каже не е ерес! Олабавете малку, нема да завршите во пеколот ако кажете дека царот е гол.

ЗОШТО НИЕ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ УШТЕ ЖИВЕЕМЕ КАКО ПРЕД 20 ВЕКОВИ?

Денес горе, утре долу. Но, секогаш на ум ја имам онаа другата народна, „фрли си зад себе, да најдеш пред себе“! Веројатно тука лежи зајакот, зошто од некои свити вртењето на тркалото прави мелено месо, а некои поминуваат без последици. Како си владеел, така ќе завршиш! Секоја ротација остава лузни. Лузните се сѐ почести и подлабоки. Сѐ повидливи и поужасни. Некои зрели нации дошле до уникатни решенија како тоа завртување на тркалото да помине без лузни. Така го зачувале националното единство и пораснале како заедница. Кај нас уште не сме ниту во можност да размислуваме за некое такво решение, а не, пак, за имплементација на истото. Зошто? Затоа што бараме „гладијаторски игри“. Бараме херои таму каде што ги нема. Бараме жртви таму каде што ги нема. Големите Цезари кажале „за народ леб и забава“. Доволно е! Секако. Ама тоа за пред 20 века.

Но, денес, денес зошто ние во Македонија сѐ уште живееме како пред 20 векови? Леб и забава, и сѐ е ок! Зошто не евалуираме? Што нѐ спречува? Тоа е мајката на клиентелизмот, да се дојде до леб, да се живее од туѓа несреќа, да се тера мајтап со сѐ и сешто, и животот е прекрасен. Не, не е прекрасен! Мизерен е и многу смрди. Често ја раскажувам приказната за Македонецот од времето на султаните, што се неговите очекувања во животот? Да не му ја пресечеле главата! Само толку! Жално, мизерно, трагично. Денес е истото, само што султаните ги заменивме со непогрешливите и од Бога дадени политички елити. Тие во стилот на Цезарите ни даваат леб и забава, а ние, пак, сме пресреќни само да преживееме. Многу, многу жалосно. Тркалото е закон на природата, за да не куртули таквите како Македонците од самите себе. Да се прашувавме ние, никогаш немаше да се заврти тоа пусто тркало. Добро е што не прашува!

Зошто не посакаме повеќе од животот? Зошто да бидеме среќни само со леб и забава? Зошто не посакаме духовно да пораснеме како нација? Зошто не посакаме спокој? Зошто не се реорганизираме тоа вртење на тркалото да не го разбираме толку трагично? Да ни стане секојдневие. Нормална природна работа. Зошто сакаме крв при секое вртење? Зошто живееме за крв и одмазда? Зошто сакаме да видиме лузни на лицето на секој од нас? Зошто? Зошто? Паметните нации со искуство тоа го надминале. Кај нив тркалото исто се врти како кај нас. Но, таму тоа не е болка за умирање. Тоа не е страв во коски. Тоа не е најава за мелено месо. Тоа е природен процес од кој се расте, се излегува посилен, обединет, подобар, поспокоен. Има низа модели како да се дојде до тој стадиум од нашиот развој. Проверени. Зошто не се обидеме да имплементираме барем еден од нив? Ако тоа предизвика побрзо вртење на тркалото, притоа без лузни и гладијаторски задоволства.

Дали идејата за рамномерно „споделување на пленот“, која во меѓувреме гледам ја прифатил и премиерот Заев, е решение во таа насока? Кој повеќе ќе се докаже и ќе добие посилна поддршка од граѓаните, тој ќе има поголем дел од власта. Но, оној или оние другите нема да останат со „прст во уста“, туку ќе добијат помал дел. Така ќе се создаде атмосфера, вртењето на тркалото да не биде прашање од живот или смрт, а лузните по нацијата да бидат помали и помалку видливи. Секако дека тоа ќе биде оправдано, само и само доколку донесе квалитативен скок во животот на граѓаните. Доколку се напушти концептот „леб и забава“, а се воспостави концептот „слуги со привилегии“ на народот. Доколку ја извадиме нацијата од лошиот филм во кој денес живее. Заклучно, вреди да се разгледа секој предлог во таа насока. Да биде критикуван и анализиран наредниве месеци. Можеби локалните избори што доаѓаат, ќе бидат порта кон избор на вистински „слуги на народот“, а вртењето на тркалото ќе го направиме да биде чекор кон унапредување на нашето општество.

Поврзани новости