Трифун Костовски бара оставка од раководството на Народна банка

by fokus

Бизнисменот и мнозинскиот акционер во пропаднатата Еуростандард банка, Трифун Костовски бара целото раководство на Народната банка веднаш да поднесе оставка.

-Барам оставка поради свесно носење на банката во стечај, со што загрозивте десетици илјади правни и физички лица. Ако имате и трошка доблест тоа ќе го сторите веднаш, повика Костовски.

Тој вели дека Народна банка со изјавата дека Еуростандард банка отишла во стечај бидејќи не ја исполнила законската обврска за докапитализација, само потврдила дека не биле искористени сите алатки за стабилизирање на банката.

-Народна банка е регулатор, кој треба да ги регулира финансиските текови во државата. Народна банка не е инспектор кој врз основа на инспекција изрекува и казни. Во случајов, Народна банка не прави разлика во поимањето регулатор и инспектор. Невозможно е од 6,55% адекватност на капиталот кон крајот на март 2020 година да падне на 2% адекватност, во рок од 4,5 месеци, во кои 3 месеци и 1 недела имаше вонредна ситуација. Веселата математика направена од страна на Народна банка не држи, падот од 6,55 % адекватност на капиталот на само 2 % адекватност е чиста математика, со носење на лошите пласмани во уште полоша категоризација. ЗОШТО?, ја прашувам Народна Банка, кога при тој слободен пад на адекватноста на капиталот, кој за 4,5 месеци од 6,55% падна на 2% не ги примени алатките: Вонредни мерки и Администрација, пишува Костовски.

Народна банка пак поднесе кривични пријави за поранешни одгворни лица во банката, а граѓаните кои имаа пари во банката чекаат да им бидат вратени.

Поврзани новости