Три трудници абортирале бидејќи биле заразени од морбили

by fokus

На Клиниката за гинекологија во Скопје во последните три месеци биле примени три пациентки заболени со морбили, кај кои бил извршен абортус, информираа од Клиниката за Гинекологија и акушерство.

Двете пациентки се јавиле на првостепена комисија за прекин на бременост поради заболување од морбили, а третата пациентка била во 22. гестациска недела.

Третата пациентка била од Велешко и имала претходно три царски реза од кои последниот бил пред 18 месеци. Пациентката по последниот царски рез имала претходно мртов плод.

„Стануваше збор за обезна пациентка со преегзистирачка хипертензија. Таа имаше осип во прилог на морбили. По приемот на Клиника настана спонтан абортус на мртов плод, по што е направена инструментална ревизија на матката. Постапено е по сите протоколи за третман и изолација на пациентката, по совет од инфектолог и од комисијата за интрахоспитални инфекции. По стабилизација на состојбата, пациентката беше испишана од нашата Клиника и со придружба беше испратена за натамошна хоспитализација и третман на Клиниката за инфективни болести во Скопје“, соопшти ГАК.

Оттаму соопштуваат дека пациентките заразени од морбили се изолираат во посебна просторија и имаат посебен хигиенски третман. По завршување на интервенцијата просториите се чистат со дезинфекциски средства и се кварцаат, а персоналот користи заштитни маски.

Кај персоналот на ГАК нема заразени од морбили.

 

Поврзани новости