Три писма

by Fokus

Најтажно од сѐ е што и менталниот состав и човечките принципи се денес толку извитоперени до непрепознатливост за едно нормално напредно демократско општество. Наместо слобода и солидарност, демократија и национална хармонија, гордост, денес се негуваат зависност и полтронство, страв и наведната глава

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Ако имаме објективни тешкотии и објективни недостатоци, тие секако се резултат на субјективните недостатоци на нашите раководни лица. Оваа реченица е кажана пред 60-тина години во Сплит од Јосип Броз Тито. Некои луѓе ова време го нарекуваат време на едноумие. Што повеќе се сеќавам и споредувам, сфаќам две работи, ова денес е време на безумие и сите мачно стекнати права и слободи, принципи и норми се уназадени овие 30 години наместо да се унапредени.

ОЧИГЛЕДНО НАЗАДУВАЊЕ ВО СИТЕ ОБЛАСТИ

Не постои повеќе ниту една област на општественото живеење со која можеме да се пофалиме и да кажеме дека сме напредувале во изминатите децении, напротив назадувањето е очигледно. Споредувајќи го тогашното ниво на корпусот на социјалните, културните, националните, економските, па дури и политичките права, неспоредлива е сегашноста со минатото.

Дури и политичката одговорност на раководните лица во државите на овие простори, кои некогаш беа една држава, е не само намалена, туку воопшто не постои. Не дека во минатото високите функционери немале и не остварувале лични интереси, но во споредба со апашлукот и бандитизмот на овие гарнитури на власт, минатото е детска играчка.

Најтажно од сѐ е што и менталниот состав и човечките принципи денес се толку извитоперени, што се непрепознатливи за едно нормално напредно демократско општество. Наместо слобода и солидарност, демократија и национална хармонија, гордост и одважност, инвентивност и самостојност, денес се негуваат зависност и полтронство, страв и наведната глава, лицемерие и криминал, неспособност и тефтерџиство.

Барањето виновници секаде, освен кај нас самите, нема да нѐ одведе никаде, а многу ме потсетува на вицот со директорите.

БАРАЊЕ ВИНОВНИЦИ СЕКАДЕ, ОСВЕН ВО НАС

При бунт на незадоволни работници дошло до промена на раководната структура. Предавајќи му ја должноста, сменетиот на новиот директор му покажал на една од фиоките на бирото во која имало три пликоа. Отвори ги кога ќе имаш големи проблеми го посоветувал новиот директор и си заминал.

По неколку месеци повторно штрајк, незадоволство на работниците и директорот се сетил на советот на претходникот, отворил плик и во него напишано – во случај на штрајк обвини го старото раководство. Така и направил, пред работниците укажал на тоа колку работи новото раководство, ама треба време бидејќи голем е багажот од криминалот на претходното раководство, но тие ќе ги надминат проблемите. Се смириле некој месец работниците, ама нема резултати, повторно штрајк, следниот плик дошол на ред, а во него пишувало – награди ги и унапреди најгласните, а поткупливи, другите избркај ги. Така и направил, но по извесно време нов штрајк. Отворил директорот и трет плик, а во него краток совет – седни и напиши три нови писма и стави ги во пликоа.

Повеќе од три децении ова е начинот на кој се води државата и на кои се однесуваат првите луѓе во неа.

 

Поврзани новости