Три награди во Словенија за „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска

by Fokus

Филмот на македонската режисерка Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“ синоќа доби три награди на 25.Филмски фестивал на словенечки филм во Порторож, Словенија, соопшти продукцијата „Сестри и брат Митевски“. Филмот е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска.

Во категоријата за најдобра копродукција ја освои главната награда Весна за најдобар филм. Во националната категорија за најдобар словенечки филм со исклучок од страна на жирито „Најсреќниот човек на светот“ доби две награди: наградата Весна за најдобар костим за словенечката костимографка и долгогодишна соработничка на Теона, Моника Лорбер и наградата Весна за најдобра шминка за Мојца Горогранц-Петрушевска.

Филмот на Митевска на 2 септември имаше светска премиера на фестивалот во Венеција во програмата Хоризонти, играше и во Торонто и е годинашен македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм.

Фото: ФСФ 

Поврзани новости