Три чекори за ослободување од „должничкото ропство“

by fokus

Ако власта и партиите се искрени во намерата да ги ослободат граѓаните од „должничкото ропство“ тогаш тоа може да се направи многу бргу и многу едноставно.

Пишува: Ѓорѓи Спасов

Првиот чекор, според професорот по граѓанско право Ангел Ристов, би бил, во итна постапка да се промени одредбата во Законот за облигациони односи која им овозможува на банките и на другите доверители да наплатуваат камати во висина многу поголеми од основниот долг.
Во Законот за Облигациони односи, од 1978 година (во време на Југославија), како што е тоа во законите на сите либерално демократски држави в светот, постоеше одредба дека „каматата на долгот не смее да биде повисока од висината на главнината на долгот“.
Но, веќе со Сојузните закони, кои ги презема Македонија како свои, уште пред распаѓањето на Југославија се брише таа одредба и каматите на должниците почнуваат да стануваат десетина и повеќе пати поголеми од основниот долг. Долгот од стотина илјади евра на државни компании набргу се претвораше во долг од милиони евра кон доверителите и тие стануваа сопственици на вредни имоти во процесот на криминалната „приватизација“ .

Законот за облигациони односи не ги заштитува граѓаните од нереални камати

Во Законот за облигациони односи во Македонија од 2001 исто така не е ставенa одредбата дека „каматата на долгот не смее да биде повисока од висината на главнината на долгот“ и со тоа им е овозможено на банките и на другите доверители да се стекнуваат и натаму со високи нереални и неправедни камати.
На тој начин граѓаните, но и компаниите се ставени во „должничко ропство„ и каматите течат целото време и непрекинато достигнувајќи неправедно монструзни димензии. Со оваа одредба во законот е овозможено легално лихварство на банките и на другите институции на кои граѓаните или правните лица им должат пари, многу големи заработки и профити на банките. нотарите и на извршителите и легализирање на „должничко робство„ во земјава.
Ако оваа одредба од Законот за облигациони односи, за чија промена е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, под итно не се промени, ќе биде јасно дека нема интерес да биде прекината „мафијашака врска“ како што ја нарекуваат новинарите, меѓу власта банките, другите доверители, извршителите и нотарите.

Потребно е воведување на одредба „застарување на побарувањата“

Вториот чекор за укинување на „должничкото робство„ според професорот Ристов е воведување во нашето законодавство одредба за „застарување на побарувањата“.
Кој нас, како што видовме, може да застарат и застаруваат низа кривични дела, како што беше „продажбата на Македонска банка„ дело за кое Заев го тужеше Груевски или најновите кривични дела на Груевски и на многу други обвинети лица, но не и побарувањата на некоја банка која отишла во стечај пред 12 години.
Сегашното законско решение за застарување на долговите остава многу простор за злоупотреба на доверителите, вели Ристов. Доверителот според стегашното решение може извршната исправа (за која и не знае должникот-некоја неплатена сметка за струја, вода, казна или од претходен станар)) да ј чува со години во „фиока“ и со тоа да се стекнува со казнена камата од своето побарување на сметка на должникот.

Ваквата можност и постапување, вели Ристов, се спротивни на начелото на совесност и чесност, на еднаквост и рамноправност во облигационите односи.
Ова може да се смени само со тоа што во законот ќе се предвидат рокови во кои доверителот по правосилноста на пресудата или на извршната исправа, ќе биде должен да го побара по присилен пат исполнувањето на своето побарување.
Наплатувањето на „застарените побарувања„ од страна на приватизираните компании како што беа Стопанска банка, ЕСМ и други, кои се продадоа сосе правото да си ги наплатат долговите од должниците , според некои сознанија им овозможило на новите газди да станат нивни сопственици речи си без пари.

За долг од два денари да не се дозволува присилно извршување

И третиот чекор, за укинување на „должничкото рабство„ вели Ристов би бил законодавецот да се позанимава со прашањето: Дали е оправдано и дали треба и за минимални суми долг (од два денари или за стотина денари) на доверителот да му се дозволи да бара присилно извршување чии трошоци се повеќекратно поголеми од долгот. Токму ваквите случаи предизвикуваат лавина од реакции кај граѓаните и чуство на бесмисленост и неправда. Веќе се наведуваат примери кога за долг од неколку денари се наплатуваат големи суми во кои се ставени трошоците на судот на нотарот на извршителот и затезната камата.

Во казненото право, за разлика од граѓанското вели Ристов, постои институтот „дело од мало значење“. Неколку и десетина денари се капка во морето на на имотот на големите компании и доверители. Оттука можеби со закон , ако веќе не сакаат самите, треба да им се наложи на доверителите да не смеат да наплатуваат долг, чија висина е помала од трошоците за присилна наплата.
Големите банки и доверители а особено јавните претпријатија, можеби треба самите во услови на голема сиромаштија да ја демонстрираат својата општествена одговорност и солидарност и да се откажат од малите, но за сиромашните граѓани големи побарувања во интерес на социјално загрозените категории граѓани.

Со личен банкрот до нов почеток без долгови

Најпосле вели Ристов, по примерот на современите закондавства, треба да им се стави крај на Танталовите маки на должниците со воведување на личен стечај( банкрот) Овој правен институт- според него, ќе им овозможи на граѓаните, на нивно барање, по истекот на одреден број години, ставени под надзор на финансиите од стечаен управник или повереник, да вратат помал дел од долгот , додека преостанатито(поголемиот) дел од долгот треба да им биде простен од страна на доверителот. На тој начин, според него, по истекот на законскиот рок, законодавецот ќе им овозможи нов живот и нов почеток без долгови . но со добро научена лекција во правниот живот. Зошто банкротиран граѓанин да не може до крајот на животот да отвори банкарска сметка а банкротиран бизнисмен, неколку години по банкротот или стечајот да има право да отвори друга компанија.

Што се однесува до големите заработки на нотарите и на извршителите ,кои кај некои од нив достигнуваат и неколку стотина илјади евра годишно, тоа не е секогаш резултат на високите тарифи за услугите, туку пред се на воспоставениот привилегиран однос меѓу доверителите и нотарите и извршителите. Ако се обврзат доверителите, особено министерствата и јавните претпријатија да ги користат услугите на поголем број нотари и извршители, а не само на еден со кого воспоствауваат привилегиран (а можеби и коруптивен однос) со кој му овозможуваат нереално големи заработки, во тој случај ќе стане јасно дали висината на трошоците што тие ја наплатуваат е превисока или прениска и дали е во согласност со социо-економската реалност на земјата и со  висината на трошоците што граѓаните ги плаќаат за слични правни услуги .

Поврзани новости