Трговската војна на Трамп ја турка Европа кон Кина?

by fokus

Трговската војна меѓу САД и Кина ја соочува ЕУ со дилемата: Дали најголемиот трговски блок во светот треба да избере страна? И ако да, која?

Во теорија САД се поприроден сојузник на Европа. Тие тесно соработуваа по завршувањето на Втората светска војна, создавајќи мултилатерални институции кои сега се загрозени. Во такви услови неодговорниот пристап на американскиот претседател Доналд Трамп кон трговската дипломатија претставува ризик да ја втурне ЕУ во прегратките на Кина.

Главен стратешки интерес на ЕУ во таа битка е да обезбеди опстојување на мултинационалната трговска рамка, вклучително и на Светската трговска организација (СТО). Во моментов тоа стравување на ЕУ е поблиску до ставот на Пекинг, отколку на Вашингтон.

За многу работи САД и ЕУ имаат идентични позиции во однос на Кина. И двете економии се нето увозници: трговскиот дефицит, според податоците на Блумберг, изнесува 351, односно 178 милијарди долари.

Секако во извесна мерка трговскиот дефицит е резултат на различниот степен на развој на овие економии – голем дел од производството беше пренесено во Кина поради ниските плати, а кинеската потрошувачка дури од неодамна почна да расте.

Дури и ако се земе предвид различниот степен на развој, западните земји одамна се жалат дека Пекинг ја субвенционира кинеската индустрија. Така големи конгломерати добиваат субвеционирани кредити од кинеските државни банки, што им дава можност за поповолна позиција и дури некои од нив вештачки ги одржува во живот.

По прашањето на челикот, кој ќе биде опфатен со царините на Трамп, САД и ЕУ сметаат дека Кина треба да направи повеќе за намалуање на своите производни капацитети.

Вашингтон и Брисел имаат и стравувања поврзани со политиката на трансфер на технологија. Тие го обвинуваат Пекинг дека се обидува незаконски да ја присвои интелектуалната сопственост, купувајќи западни високотехнолошки компании.

Всушност тоа беше и едно од оправдувањата на Трамп за воведувањето царини за увозните производи од Кина, чии годишен обем изнесува околу 50 милијарди долари. САД исто така започнаа и процес во СТО, кон кој се придружија и ЕУ и Јапонија.

Иако ЕУ и САД се природни партнери во воспоставување на правилата на светската трговија со Кина, во, исто време, стратегијата на Трамп крие опасност да го остави Вашингтон без стратешки сојузник. Претседателот во повеќе наврати ја критикуваше ЕУ во врска со нејзината трговска политика, која, според него, е „многу нечесна“ во однос на САД.

Трамп ја исклучи ЕУ од царините за челик и алуминиум речиси во последната минута. Покрај тоа исклучувањето на ЕУ од царините е времено. со што Трамп се обидува да врши притисок врз европските земји за отстапки во трговијата, што не претставува однос каков што ЕУ очекува од еден пријател.

Она што е најважно, американската Администрација манифестира резерви кон мултинационалниот трговски систем во чие создавање и самата има голем придонес. Трамп ја обвини СТО дека е нечесна кон САД. Воведуваењето на царини за увозот на чели и алуминиум, со кој се нарушува рамката на СТО, тој ја оправда со заштита на националната безбедност.

Кина пак се обидува да ги почитува правилата на мултинационалната трговија. Кинескиот петседател Си Џинпинг во повеќе наврати ја претставуваше Кина како решителен заштитник на глобализацијата, нагласувајќи го тоа и во историското обраќање на Светскиот економски форум во Давос минатата година.

Кина сега поднесе тужба против американските царини во СТО, што се смета за показател дека Пекинг сака да ги почитува воспоставените механизми за надминување на споровите. Таквата позиција се совпаѓа со ставовите на ЕУ која е против индивидуални дејствувања на државите кога станува збор за трговски спорови. Минатата година еврокомесарот за трговија Сесилија Малмстром оцени дека светот без СТО би наликувал на Дивиот Запад.

Тоа го засили обидот на Пекинг за приближување до ЕУ. Кинескиот амбасадор во ЕУ напиша дека Кина и ЕУ како големи членки на СТО и сеопфатни стратешки партнери, треба да имаат јасна позиција против протекционизмот. Таквиот став донекаде наликува на дволичност, но секако во оваа фаза ЕУ има полза од него.

Има многу сфери во кои се можни заеднички дејствувања на ЕУ и Кина. Пекинг бара стратешки партнери за иницијативата „Еден појас, еден пат“, стратегија за развој, која има за цел изградба на подобра инфраструктура меѓу Азија, Европа и Африка. Неколку држави, меѓу кои и Франција и Германија, начелно покажаа интерес за вклучуање во тој проект, кој интерес во иднина би можел и да се засили.

Покрај ова, европските држави би можеле да ја засилат својата улога во Азиската инфраструктурна инвестициска банка, кинеска банка за развој, која има за цел да ја поддржува изградбата на инфраструктурата во азиско-пацифистичкиот регион. САД не се приклучија кон таа иницијатива, која ја сметаат како конкуренција на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Меѓутоа повеќето европски земји веќе се вклучија во неа и во иднина тие би можеле да инвестираат уште повеќе.

Секако далеку сме од тоа да бидеме сведоци како ЕУ драстично се отклонува од САД и се насочува кон Кина. ЕУ се уште има доста резерви кон трговската политика на Кина и засега нема показатели дека тие резерви ќе исчезнат. Од друга страна во трансантлантските врски има многу повеќе заедништво – од заштитата на либералната демократија до големиот број приоритети во надворешната политика.

Трамп меѓутоа ризикува за брзо време да ги потроши огромните залихи на доверба и влијание кои САД ги изградија кон ЕУ по Втората светска војна. Тоа би можело да нанесе исто толкави големи штети врз американската и светската економија колку и царините на Трамп.

Блумберг- Њујорк

Поврзани новости