Трета доза од друга вакцина за граѓаните кои нема да развијат антитела од кинеската?

by fokus

За граѓаните кои нема да развијат антитела и после примањето на втората доза на кинеската вакцина „Синофарм“, треба да се размислува да примат и трета доза од друга вакцина, вели за „Фокус“ Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија.

Дебатата за трета доза ја отвори објавеното истражување на Институтот за медицински истражувања во Белград, според кое петина од вакцинираните со кинеската вакцина во Србија не развиле антитела, а тоа се главно лица постари од 70 години. На нашето прашање, што е со клеточниот имунитет којшто исто така го создаваат вакцините, Петличковски објаснува дека кинеската вакцина, доминантно создава хуморален имунитет, односно антитела, додека клеточниот имунитет не е јака страна на оваа вакцина.

Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија

Микробиологот, Никола Пановски на прашањето дали ако не се развијат антитела од кинеската вакцина тоа значи дека лицето не е заштитено од несакани последици од болеста, тој вели дека тоа не се знае, бидејќи нема доказ за имунитет. -Можеби има клеточен имунитет кој не може да се докаже со вообичаени тестови, вели Пановски кој објаснува дека повозрасните потешко создаваат имунитет од било која вакцина.

Во Македонија од вкупниот број вакцини коишто се стигнати, најбројни се кинеските вакцини „Синофарм“, односно стигнати се над 300.000 вакцини. Според официјално објавените податоци на Министерството за здравство, оваа вакцина е 86 проценти ефикасна против САРС-Ков2 инфекција, 100% ефикасна за превенција на тешка болест.

Студијата пак, која од февруари ја спроведува Институтот за медицински истражувања во Белград, покажува дека 20 отсто од ревакцинираните граѓани со кинеската вакцина „Синофарм“ во Србија, не развиле антитела на корона вирусот. За еден дел од од таа група на испитаници, кои покажале некаков одговор макар и под референтните вредности, може да се очекува дека во случај на контакт со вирусот, ќе бидат делумно заштитени, но има и такви кои воопшто не реагирале на оваа вакцина.

Доктор Олгица Ѓурковиќ Ѓаковиќ, научен советник на институтот и раководител на Студиите за следење на природностекнатиот и вакцинален имунитет на САРС ков 2, за српскиот весник „Политика изјавила дека поголем дел од граѓаните кои не развиле антитела се граѓани постари од 70 години.

Српска „Политика“ за трета доза за вакцинација

– Тоа е оној дел од популацијата која беше најревносна во вакцинацијата. Многу од нив имаат хронични болести и сакаат да се заштитат од Ковид-19. Многу нѝ е тешко да им објасниме дека се уште не постои можност да добијат некоја друга вакцина. А тоа е и делот од граѓаните кои работат со постојан контакт со луѓе, па стравуваат од зараза. Сметам дека прашањето за нивна вакцинација треба да се реши што поитно. Иако се распрашувавме, мојот десетчлен тим засега нема информации кога би можела да почне новата имунизација на овој дел од населението и дали воопшто ќе има, изјавила Ѓаковиќ.

Србија досега од Кина има набавено над 3 милиони дози.  Епидемиологот, Предраг Кон, член на кризниот штаб, пак за весникот изјавил дека моментално не се дебатира за давање на трета доза вакцина.

-Се случува, граѓаните да доаѓаат на вакциналните пунктови со потврда дека направиле анализи и дека немаат антитела, па бараат трета доза. Но, никој во оваа земја не може да дава трета доза бидејќи би направил прекршок. За да се донесе одлука за тоа, неопходни се истражувања и треба да се одреди на кого таа се дава. Таман работа сега сите да се тестираат и да проверуваат дали имаат антитела, тоа е потполно непотребно. Самото присуство или отсуство на антитела не е доволен податок за да се каже дали е некој имун или не е. Не значи дека оној кој нема воопшто антитела не е заштитен, бидејќи постојат и други нивоа на заштита. По клиничките истражувања, ќе биде јасно кој треба да прими трета доза во однос на возраста, за која вакцина, дали тоа ќе биде нагласено и за луѓе со одредени болести или правилото ќе важи за сите за кои ќе се утврди дека немаат антитела, рекол Кон.

Обединетите Арапски Емирати, каде најголем број од популацијата има примено кинеска вакцина, најавија дека на лицата кои добиле кинеска вакцина „Синофарм“ ќе почнат да им нудат дополнителна доза, шест месеци од нејзиното примање, поради нискиот одговор на антитела по примањето на две дози од вакцината.

Кина во странство дистрибуираше стотитици милиони вакцини произведени во земјата и своето население го имунизира токму со овие вакцини. Државната компанија не пријавила детални резултати и тестови во доцната фаза, за да можат светските научници да ги анализираат независно.

„Синофарм“ е класична вакцина од убиен вирус на SARS-CoV-2, користи ослабени т.е. инактивирани вирусни честички. Уште при одобрувањето на вакцините таа имаше помала ефикасност од другите вакцини, околу 80 отсто.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости