Треба ли Македонија очајно да тропа на вратата на ЕУ која Макрон ја заклучи?

by fokus

По ветото од Грција во 2008 година, Македонија денеска доби нова блокада за почнување преговори за членство, овојпат од Франција. Францускиот претседател Емануел Макрон во својата изјава дури рече и дека не мора сите земји-соседи на ЕУ да станат нејзини членки, со што во прашање ја доведе политиката на проширување со земјите од Западен Балкан.

Во една ваква ситуација, кога Македонија, како што би рекол премиерот Зоран Заев, отиде „all in“, а картите се покажаа недоволни за почнување преговори, треба ли да играме уште една рака во ЕУ-покерот или треба да направиме „fold“?

После промената на името, а со цел влез во ЕУ и НАТО, како што гласеше референдумското прашање, македонските граѓани се чувствуваат изиграно. Но, како што вели Љупчо Петковски, директор на Еуротинк, на новонастаната ситуација не треба да се одговори со национализам, туку со разумна гордост.

Тој вели дека речникот на Макрон навестува дека ЕУ можеби веќе нема да се сака да се проширува, а нашата желба за членство се темели токму на заложбата за проширување. Од изјавата на францускиот претседател самите треба да процениме дека параметрите за проширување се менуваат и да си бараме решение, смета Петковски.

-Не треба да се каже дека се откажуваме, но целата наша желба за членство во ЕУ е базирана на одлуки од минатото и се држиме за тие. Таква одлука од минатото е  Солунска агенда со која ЕУ потврди дека сите земји од Западен Балкан имаат европска иднина. Ако тие параметри се менуваат тоа треба да стане јасно и да се бара чаре. Не треба да се води политика на инает, но ако се менуваат тие параметри треба да ни се каже, или сами да процениме од овие изјави. Сега испаѓа дека сме изиграни. Тоа што го кажа Макрон излегува дека тие параметри се променети, и тоа треба ние и сами да го сфатиме. Јазикот што го употребува укажува не само на тактички маневар, туку дека не сакаат да се прошируваат. Ние треба да го процениме тоа и да си бараме чаре. Треба време сето тоа да легне и да се тера напред со животот. Треба да смисли добар прогресивен одговор и како да одиме напред, вели Петковски во изјава за Фокус.

На прашањето дали Македонија може да оди напред и да напредува без ЕУ, Петковски вели дека се се може.

-Се се може, се може и без ЕУ. И сами досега сме преживеале и сме пливале. Сите мислеле дека како мала држава ќе пропаднеме, но тука сме. Сме имале и успеси и неуспеси, и грешки и добри работи и сето тоа сами сме си го правеле. Не треба да се одговара со национализам и некого да обвинуваме. Треба да се одговори со разумна гордост и разумен план за во иднина. Малку паметно, рационално да се постават и нашите политички лидери. Ладна глава, промислено, чекор по чекор и да видиме понатаму. Одиме напред, вели Петковски.

И додека чекаме дали премиерот Заев ќе си поднесе оставка или ќе ги послуша партиските колеги кои му велат „Немој шефе“, македонските граѓани вечерва уште еднаш ќе заспијат со чувството на изиграност од страна на идеализираната Европа.

Катерина Смилева

Поврзани новости