„Транспаренси“: ВМРО-ДПМНЕ плаќала во кеш за кампањата, иако не смеела!

by Фокус 10:33
10:33

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, иако не смеел платил во кеш на прилепски „Комуналец“ за поставување на барикадите кои им биле потребни за митингот на владејачката партија во градот под Марковите кули, објави вчера македонската испостава на „Трансперенси интернешнл“.

Организацијата предводена од Слаѓана Тасева ја проверила информацијата дека во Прилеп, на 28-ми минатиот месец биле ангажирани вработени во „Комуналец“ за подготовки на митингот.
Невладината побарала пристап до информации од јавен карактер и дошла до докази дека прилепската организација на ВМРО-ДПМНЕ за услугата на „Комуналец“ платила во кеш, а не од посебната жиро-сметка која се отвора специјално за изборите.

- Advertising -

„Трансперенси интернешнл“ тврди дека е прекршен Изборниот законик кој предвидува сите пари за изборната кампања да се уплатуваат на трансакциска и сите трошоци за кампањата исклучиво да се покријат од таа сметка.

Дополнително, невладината тврди дека плаќањето на оваа услуга не е прикажано ниту во еден од извештаите доставени до Државниот завод за ревизија од лицето одговорно за изборната кампања.

„Извршено е незаконско плаќање во готовина и утврдено е дека не сите средства кои се користени за плаќање на трошоците во кампања се исплатени од единствената трансакциска сметка како што законот“, стои во соопштението објавено на веб-сајтот на организацијата.

ТИ – Македонија ќе ги информира Антикорупциска, ДИК како и Државниот завод за ревизија од кого ќе побара да се преземе конкретни активности против прекршителите на Законот.

Исто така организацијата на Тасева против одговорното лице ќе поднесе и кривична пријава.

„Транспаренси“ вчера објави дека и ДУИ незаконски ја финансирала кампањата за локалните избори во 2013 година. Невладината одлучила да ги провери наводите дека Артан Груби од ДУИ барал од полошките општини да ги плаќаат сметките и трошоците на изборната кампања.

„Трансапренси“ официјално од општината Студеничани добила докази дека навистина Груби им пратил имејл-порака со барање општината да им обезбеди големи знамиња, компјутер, големи телевизори за прес конференција, говорници, микрофони и миксета, а невладината ги добила и фактурите со кои е плаќано.

Од „Транспаренси“ велат дека законот забранува во текот на кампањата да се трошат државни или општински пари и дека исто така забрането е изборна кампања да се финансира од државниот или од буџетот на општините.

„Врз основа на оваа констатирана состојба во тек е подготовка на информации до Антикорупциска, ДИК како и Државниот завод за ревизија, како надлежни органи за постапување, од кои бараме оваа информација да биде проверена од нивна страна и да бидат превземени соодветни мерки“, се вели во соопштението на „Транспаренси“.

Поврзани новости