„Трансмет“ и „Секјуриком“ ја плаќале опремата и рекламниот материјал за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Заеднички именители што ги спојува обвинетите во предметот „Титаник3 е кривичното дело злосторничко здружување, рече денеска обвинителката Лиле Стефанова, презентирајќи го обвинителниот акт.  Обвинението, рече таа, содржи 5900 материјални докази, репродукции на над 1.000 разговори, 41 прилог со испечатени СМС пораки, снимени разговори и сведоштва.

-Првите месеци од 2011 година обвинетите Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска создале група која имала план да врши кривични дела против изборите и гасачите со цел да добијат што е можно поголем број гласови за нивната партија. Ќе докажеме дека во 2011, 2013, и 2014 година прибирале незаконски средства со кои ја финансирале изборната кампања за политичката партија на која и припаѓале – рече Стефанова.

Освен незаконски прибавените 520.000 евра кои наводно Груевски и Протоѓер незаконски ги прибавиле и потоа преку еде од обвинетите ги уплатиле на сметка на партијата во име на 529 лица, обвинителниот акт ги сомничи Груевски и Протоѓер дека во текот на изборната кампања преку Миле Јанакиески и Кирил Божиноски изнајмиле оперма и набавиле рекламен материјал за изборната кампања кој бил платен од фирмите „Трасмет“, „Секјурикот“ и уште една фирма.

-Овие средства во износ од 3.128.777 денари биле должни да ги пријават како донација, но не ги внеле во регистарот на донации. Сведоци ќе потврдат дека управителите на фирмите кои ги дале услугите, фактурите наместо кон политичката партија ВМРО-ДПМНЕ биле упатени да ги насочат кон правните лица, како услугите да биле извршени за овие правни лица – рече обвинителката.

Незаконското финансирање, додаде таа, продолжува и во 2013 година. Во оваа година, според обвинителниот акт, како одговорно лице за финансирање на кампања се појавуваа Илија Димовски и уште еден обвинет.

Во тој период, на истиот начин како и претходните пола милион евра, овој пат 480.000 евра биле уплатени на жиро сметката на партијата како донации на физички лица.

-Но според сослушувањето на поголемиот број лица кои се запишани како донатори, ни беше потврдено дека не ги донирале паричните средства – рече Стефанова.

Таа додаде дека во текот на постапката ќе се докаже дека 200.000 евра биле потрошени за патувања на претставници од партијата во странство. Носењето на гласачи на денот на изборите со авионски летови било договорено да го плати „Бетон –Скопје“, а тоа не било внесено во регистарот на донации.

-Во 2014 година Илија Димовски и Ленко Ристевски незаконски обезбедиле парични средства во износ од 52.233.654 денари преку Далибор Алешковиќ и ги внеле во редовната жиро сметка на партијата како уплата на членарини. Но лицата наведени во уплатниците не вршеле уплата на членарини. Откако овие средства биле уплатени, ќе докажеме дека истите биле пренесени и употребени за плаќање обврски на партијата – рече обвинителката.

Таа додаде дека злоупотребата на средства за финансирање на изборна кампања е едно од кривичните дела кое им се става на товар на обвинетите. Освен тоа против нив СЈО, рече Стефанова, има писмени докази како списоци за сигурни гласачи, со кои вршеле притисок врз гласачите.

СЈО поседува упатство кое ВМРО-ДПМНЕ го дистрибуирало до своите месни комитети за да можат членовите да пополнуваат табели со сигурни гласачи. Во текот на постапката ќе бидат испрашувани сведоци врз кои бил вршен притисок, но ќе биде презентирани и 2 CD од извршени разговори на новинари истражувачи кои во 2011 година разговарале со заплашуваните лица, најави обвинителката.

М.В.

Поврзани новости