Американскиот претседател Доналд Трамп настапи денеска во виртуелен формат на 75. Генерално собрание на ОН што неделава започна во Њујорк. Првпат во историјата на ова светско меѓународно тело поради пандемијата, ГС се одвива во виртуелен формат.
Покрај Трамп, денеска настапија и рускиот претседател Владимир Путин и нивниот кинескиот колега Си Џинпинг.
Фокусот на говорот на Трамп беше насочен кон Кина, со критики до Комунистичката партија на таа земја поради справувањето со пандемијата Ковид-19, вмешаноста во изборите на туѓи земји, шпионирањето во САД и наметнување влијание низ целиот свет.
-Во првите денови на ширењето на вирусот Кина забрани внатрешни патувања, а притоа дозволи меѓународни летови од Кина да се зарази целиот свет, рече Трамп.
-Владата на Кина и Светската здравствена организација, фактички под контрола на Кина, даваа лажни изјави дека нема докази за пренос на вирусот од човек на човек… Подоцна тие лажни изјавуваа дека луѓето без симптоми на ја шират болеста… ОН треба да посочи на Кина како одговорна за своите постапки, кажа Трамп.
-Седумдесет и пет години по крајот на Втората светска војна и основањето на ОН, ние повторно сме вовлечени во голема глобална војна. Водиме жестока битка против невидливиот непријател – кинескиот вирус, што однесе безброј животи во 188 земји, истакна Трамп.
Додаде дека САД започнале најагресивна мобилизација од времето на Втората светска војна… „Ќе ја дистрибуираме вакцината, ќе го победиме вирусот, ќе ставиме крај на пандемијата и ќе стапиме во нова ера на невиден прогрес, соработка и мир“.
Во својот говор, Трамп ги допре и договорите меѓу Израел, ОАЕ и Бахреин склучени со посредништво на САД, спомена за економскиот договор меѓу Србија и Косово, и за притисокот на САД врз НАТО, членките да ги запазуваат ветените таргети за трошоци за одбрана.
-Знаеме дека прогресот на Америка е основа за слободата и безбедноста низ целиот свет. За овие три кратки години ја изградивме најголемата екононија во историјата, истакна тој.
Додаде дека последните четири години САД за своите вооружени сили потрошиле 2.5 трилиони долари… „Донесовме нова енергија во НАТО“.
Во говорот пред ГС на ОН Трамп се задржа и на состојбите околу Иран, Авганистан и Северна Кореја.