Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Украина може да заборави на членство во НАТО. Во пресрет на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, закажана за в петок во Вашингтон, Трамп изрази надеж дека наскоро лично ќе се сретне со рускиот претседател во обид да се постигне договор за крај на војната во Украина.
Трамп одби да каже какви отстапки би побарал, но го нагласи ставот на неговата администрација дека желбата на Украина да стане членка на НАТО е неодржлива. Од друга страна, Зеленски кажа дека клучни за Киев се американските безбедносни гаранции, а целосниот договор околу економскиот договор, односно договорот за ретките метали, зависи од разговорите во Вашингтон.
Зеленски додаде и дека договорот со САД би можел да биде голем успех или тивко да згасне, додавајќи дека се зависи од разговорите со Трамп. Претходно, САД и Украина постигнаа нацрт договор за ретките минерали. На него инсистираше Трамп, како компензација за американската помош за Украина во војната со Русија.
Како главни теми за кои сака да разговара со Трамп, Зеленски ги наведе дали САД планираат да ја запрат воената помош и ако тоа е случај, дали Украина ќе може да купува оружје директно од САД.