Трамп, Путин и Кралицата Елизабета му испратија честитки на Пендаровски

by fokus

По повод изборот на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, писма со честитки испратија голем број светски државници и меѓународни организации.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во писмото со честитки до претседателот Пендаровски, пишува дека денес, нашите две нации се поблиски од кога било претходно.

„САД силно ја поддржува Северна Македонија, која го зазема своето заслужено место во западните институции и особено се надева дека ќе ја поздрави Северна Македонија наскоро како наш 30-ти сојузник во НАТО. Историскиот Договор од Преспа претставува смел и храбар пример со кој се зајакна безбедноста и просперитетот за народот на Северна Македонија и целиот регион. Заложбите на Вашата земја за демократски начела, владеење на правото, отчетност на владата и борба против корупцијата се за поздравување. Се надевам на продлабочување на пријателството и соработката во иднината“, пишува во честитката од претседателот Трамп до претседателот Пендаровски.

Во писмото упатено од претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг, се посочуваат традиционално пријателските односи меѓу двете земји.

„Посветувам големо внимание на односите меѓу Кина и Северна Македонија и изразувам подготвеност за соработка со Вас, со цел развој на заедничките политики и стратегии и продлабочување на заедничката соработка и подигнување на нашите билатерални односи на ново ниво“, пишува кинескиот претседател во честитката до претседателот Пендаровски.

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, посака успех на претседателот Пендаровски во вршењето на одговорната функција, добро здравје и благосостојба.

„Односите меѓу Руската Федерација и Република Северна Македонија се темелат на добрите традиции на културна и духовна блискост. Убеден сум дека конструктивното унапредување на нашите односи би им одговарало на народите на нашите две земји и на цела Европа“, пишува претседателот Путин.

Писмо со искрени честитки по повод стапувањето на должноста на претседателот Пендаровски упати Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Елизабета  II. 

„Најдобри желби до Вас и народот на Северна Македонија со очекување да продолжат одличните односи меѓу двете земји“, стои во писмото од Кралицата Елизабета II.

Во писмото упатено од претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, се потенцира:

„Со Вас највисоката државна функција ја презема одлучен поддржувач на евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија. Германија се залага за тоа Вашата земја да продолжи со суштинските реформи и решително и понатаму да чекори по својот пат кон ЕУ“. Вие ја преземате функцијата во момент што е значаен за Вашата земја, пишува Штајнмајер. „Со Договорот од Преспа, Северна Македонија и Грција покажаа дека и покрај големиот отпор, преку дијалог и со храброст може да се решат и привидно безизлезните спорови“, стои во писмото од германскиот претседател.

Писмо со честитка упати претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.

„Вашите заложби за градење на правната држава, за членството на Вашата земја во НАТО и за нејзината европска перспектива, но и Договорот од Преспа, го убедија мнозинството гласачи. Договорот од Преспа е пример за регионално помирување, кое придонесува за стабилноста на Западен Балкан и на Европа во целина“. Францускиот претседател во писмото порачува дека Северна Македонија може да смета на конкретна поддршка од Франција за спроведување на своите реформи. „Нашите две земји имаат изградено врски на доверба за одбрана на нашите заеднички вредности, особено во борбата против тероризмот“, пишува претседателот Макрон, посакувајќи му на претседателот Пендаровски успех во вршењето на одговорната функција.

Во писмото испратено од претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, се изразува увереност дека Република Северна Македонија ќе постигне дополнителен и конкретен напредок, со цел побрза интеграција во ЕУ.

„Италија ги поддржува реформите на Вашата земја во европската и евроатлантската интеграција и ќе продолжи да ја поддржува конструктивноста на Скопје за плодна регионална соработка“, пишува претседателот Матарела.

Претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда во честитката ја потврдува поддршката за Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија.

„Би сакал да изразам воодушевување од реформите спроведени во Република Северна Македонија, како и надеж дека оваа година ќе отпочнат преговори за пристапување кон Европската унија“, стои во честитката од полскиот претседател.

Унгарскиот претседател, Јанош Адер, во честитката до претседателот Пендаровски посочува дека Република Северна Македонија е достоен пример за целиот регион, со решавањето на односите со соседите и започнување на реформските процеси што се основа на преговорите за пристапување во ЕУ.

Поврзани новости