Трамп претрпе нов пораз, отфрлена последната тужба во Пенсилванија

by Fokus

Врховниот суд на американската држава Пенсилванија отфрли уште еден правен обид на таборот на американскиот претседател Доналд Трамп да ја оспори победата на противникот Џо Бајден во таа сојузна држава.

Републиканскиот обид да ги отфрли гласовите доставени по пошта во државата каде Бајден победи со 81.000 гласови пропадна, како и нивното алтернативно барање да се поништат изборните резултати и Парламентот на Пенсилванија да го одреди победникот.

Судот едногласно ги одби и двете барања. Со ова е отфрлена последната тужба на таборот на Трамп во Пенсилванија.

Со тужбата поднесена од републиканскиот пратеник во Претставничкиот дом на Конгресот Мајк Кели е направен обид да се прогласи за неуставен законот од 2019 година со кој во Пенсилванија е воведено широко право за гласање по пошта.

Судиите рекоа дека со ваквото барање е задоцнето затоа што било поднесено повеќе од една година по стапувањето во сила на законот и во време кога резултатите од изборите биле очигледни.

Пенсилванија официјално ја потврди победата на Бајден на 24 ноември, а со тужбата е направен обиде да се запре потврдата на изборните резултати.

Последната пресуда на Врховниот суд во Пенсилванија ја продолжува низата десетици изгубени тужби поднесени од кампањата на Трамп и неговите следбеници низ САД во обид да се поништи победата на Бајден на претседателските избори во САД на 3 ноември.

Трамп продолжува да одбива да го признава поразот и тврди, без докази, дека изборите биле наместени и преку Твитер испраќа десетици пораки за бизарни теории на заговор. Бајден ќе положи заклетва на 20 јануари следната година.

Поврзани новости