Трамп: Јас одлучувам за повторното покренување на американската економија

by Frosina Fakova

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека тој, а не гувернерите на државите, ќе одлучи кога повторно ќе се покрене економијата на државата.

„Тоа е одлука на претседателот“, објави Трамп на Твитер.

Трамп додаде дека тој, заедно со членовите на неговата администрација, тесно соработува со гувернерите за тоа прашање и дека соработката ќе продолжи.

„Мојата одлука, во соработка со гувернерите и со придонесот на другите, ќе биде донесена наскоро“, нагласи Трамп.

Експертот за инфективни болести и член на координативното тело за борба со коронавирусот на Белата куќа, д-р Антони Фаучи, синоќа за Си-ен-ен предупреди дека има „исклучително голем ризик“ од натамошно ширење на коронавирусот доколку САД ја отворат државата од 1 мај.

Претседателот Доналд Трамп во повеќе наврати досега изрази спремност, доколку дозволуваат околностите, токму тоа и да го стори.

Од здравствени компликации поврзани со Ковид-19 во САД досега починаа над 22 илјади лица, со повеќе од 560 илјади потврдени случаи. Сегашните американски модели предвидуваат дека до јули во државата можат да умрат 60 илјади или повеќе.

Трамп речиси секој ден вели дека сака да ја отвори американската економија колку што е можно побргу. Неговите економски советници упатуваат на датумот 1 мај, но претседателот рече дека ќе ги слуша и здравствените експерти што мислат за тоа.

На брифингот викендов Трамп рече дека изборот меѓу два императиви – заштита на здравјето на Американците и рестартирање на најголемата светска економија – е најголемата одлука во неговиот живот.

Поврзани новости