Трамп би можел да биде обвинет за учество во криминал

by fokus

Јавното обвинителство на Јужниот Округ на Њујорк и истражителите на специјалниот обвинител Роберт Малер му врачија на Судот документи, според кои, актуелниот американски претседател Доналд Трамп би можел да се соочи со обвинение за извршено кривично дело.

Обвинителство во документите во процесот против поранешениот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, првпат го оквалификува актуелниот американски претседател како „соучесник во криминал“.

Според обинителниот акт, Коен се товари за организирање поткуп на две жени за време на претседателските избори во САД во 2016 година, од кои било побарано да не откријат дека имале сексуални врски со Трамп.

Обвинителството, исто така, обелодени нови детали за финансиски малверзации околу плановите на Трамп да започне изградба на облакодер во Москва во време на предизиборната кампања.

Во меморандумот со докази на 47 страници, Обвинителството не го споменува името на Трамп, туку наведува дека адвокатот Коен „признал оти координирал постапки и примал наредби од Лице-1“. Понатаму се говори дека неименуваното „лице“ во јануари 2017 година стапило на функцијата претседател н САД.

Поранешниот адвокат на Трамп веќе призна вина по осум точки од Обвинението, како кршење на законите за финасирање на изборна кампања.

Станува збор за поткуп на порно ѕвездата Сторми Дениелс и на поранешниот модел на „Плејбој“, Карен Мекдугал, кои тврдат дека имале сексуални врски со Трамп и на кои, според Обвинителството, им биле плаќани засега неутврдени суми во замена за тоа да не откриваат информации за тоа.

 

Поврзани новости