Трактористи како камикази на патиштата во Тиквешко!

by Fokus

Практиката да се управува со неосветлени трактори во тек на вечерните часови, со што се загрозува животот на учесниците во сообраќајот, никако да се искорени во Тиквешијата.

Голем број на жители од Тиквешко реагираат дека неосветлените трактори, а некои од нив дури и со приколки и други земјоделски механизации закачени на задниот дел, без никакво осветлување, се редовна слика на патиштата, и апелираат за нивно навремено отстранување од сообраќајот.

-Во топлите месеци, кога се во ек земјоделските работи, ова е редовна слика по патиштата. Постојано ги гледаме, се враќаат од поле кога ќе се стемни, најчесто имаат предни светла и си го осветлуваат патот пред себе, но на прсти можат да се избројат тракторите кои имаат исправна задна сигнализација. Неосветлени, тие се како камикази на патот, го ризикуваат својот, но и животите на останатите учесници во сообраќајот поради смешна сума од 100 или 200 денари, колку треба за да се заменат неисправните фарови – реагираат граѓани.

Поради неисправни, односно неосветлени трактори, секоја година во Тиквешко има и жртви. Минатата година во летниот период се случија низа на помали, но и три поголеми сообраќајки со човечки жртви, а истото се случува со децении наназад.

-Возевме по стариот пат Демир Капија – Неготино, околу 21 часот беше. Сретнавме најмалку пет неосветлени трактори, еден од нив дури имаше прикачено плуг, друг со голема тракторска приколка. Знаете ли што значи, кога од спротивна страна се разминувате со возило, немате доволно прегледност, а пред вас на кривина вози неосветлен трактор? Покрај тоа, на оваа релација, исто како и на стариот автопат Неготино – Скопје, периодов е доста фреквентно, странци одат на летување во Грција и Турција, од каде тие би претпоставиле дека на нашите патишта може да се вози и без задни светла? – прашуваат загрижени граѓани.

Ова не е нов проблем, и за неосветлените трактори пред околу десеттина месеци беше актуелна кампањата од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Се апелираше возачите на трактори да возат со технички исправни светла и да бидат соодветно осветлени во ноќни услови на намалена видливост.

Од РСБСП информираа дека според податоци од станици за технички преглед, но и од искуства на терен, голем број на трактори се неосветлени, нерегистрирани и неисправни. Пред десеттина години, поради овој проблем беа зголемени казните за управување со трактор кој не е регистриран.

Сумите од 500 евра казна за физичко и околу 2.000 евра казна за правно лице, тогаш беа причина да се започне со масовно регистрирање на тракторите. За оние пак, кои немаат осветлување, казните изнесуваа околу 300 евра. Во тој период, беше забележана рекордна регистрација на трактори во Станицата за технички преглед во Неготино, односно со регистарски таблички се здобиле над 500 трактори за неколку месеци, нешто кое во минатото не се случило, и покрај тоа што во градот има над 1.000 трактори.

Но, поради праксата на неказнивост, која носи голем број на жртви по патиштата, очигледно придонесе возачите на неисправните трактори да си продолжат по старо, ставајќи го сопствениот, но животот на останатите учесници во сообраќајот на ризик.

Вики Клинчарова

Поврзани новости