Трајановски за „Фокус“: Кривичната пријава против мене е неоснована, не сум будала да одговарам за директор!

by fokus

Откако беше поднесена кривична пријава против екс-градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, поради „злоупотреба на службена положба“, со свој став се произнесе и поранешниот прв татко на градот.

Трајановски за „Фокус“ вели дека пријавата е неоснована, затоа што во тој период не се барала нострифицирана диплома.

„Сметам дека неоснована е кривичната пријава. Таа пријава е од 2014 година и не разбирам зошто сега ја праќаат. Според законот за работни односи и законот за јавни претпријатија не се бара нострификација на диплома. Додека за администрација се бара нострификација. Човекот има завршено во Њујорк, ја има преведено на судски преведувач, ја има заверено на нотар, ја има доставено и ние сме го објавиле огласот согласно на законот. Така што нема основа и слободно можат да го прочитаат законот и да го видат“, вели Трајановски.

Како што додава тој, Трудовата инспекција нема надлежност на бирање на менаџери , бидејќи таа ги заштитува правата на работниците.

„Трудовата инспекција кога била во јавните претпријатија, има таму и записник, во кој што пишува дека немаат надлежност за вакви работи. Мене ми е чуден овој случај. Човекот тогаш не ја нострифицирал поради комисиите – работат, не работат, имаат членови, немаат членови, но во меѓувреме тој си ја нострифицирал дипломата. Во законот не е дефинирано дека треба и нострифицирана диплома. Не можам да разберам што сакаат да постигнат со ова“, смета некогашниот градоначалник на главниот град на Македонија.

Согласно условите на законот, тој ги исполнувал условите на огласот, истакна Трајановски.

„Ние во условите на огласот не сме барале нострифицирана диплома, затоа што според закон, не мора да бараме. Приговор за целиот случај може да даде само оној кој што конкурирал навремено, исправно. Мислам дека ќе се докаже дека пријавата е неоснована, законот е зад нас. И што? Јас сум будала за еден директор да одговарам. Не планирам да го направам тоа“, додаде Трајановски.

Поврзани новости