Трајанов поднесе предлог закон за една изборна единица: Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ ќе не врати во времето на калашникови

by fokus

Претседателот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, денеска во Собранието поднесе Предлог закон за измена на Изборниот законик, со кој се предвидува промена на изборниот модел во една изборна единица. Како што рече Трајанов, со оваа измена ќе се „демонтира еднопартискиот систем“ и ќе се стопира праксата лидерот на партијата која победува на изборите да одлучува за се во државата.

-Со измените парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните и ќе има повеќе партии во парламентот.  Одлуките до сега ги носеше еден човек во централите на партиите, постојниот модел создава авторитарно владеење, знаеме како се владеше за време на претходната власт, а истиот карактер на владеење е присутен и сега – рече Трајанов.

Ако се промени изборниот модел и ако се отворат пратеничките листа, додаде тој, ќе се зголеми и одговорноста на извршната власт.

-Сега имаме силна партизација на сите институции, имаме контрола над извршната власт, судската и законодавната. Кај нас не владеат законите и првото туку партиите кои се на власт. Со овие промени тоа е крупен исчекор кон создавање еднакви шанси за сите политички партии –посочи тој.

Како што рече Трајанов, СДСМ пред да дојде на власт ветила дека прва точка што ќе ја предложи во парламентот ќе биде промена на изборниот модел и една изборна единица. Тие декларативно се залагаат за тоа, додека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ води кон назадување, смета Трајанов.

-ВМРО-ДПМНЕ се залага за мнозински систем, доколку се прифати тој модел ќе се врати насилството и калашниковите на улиците. Сведоци сме дека порано имавме крв по улиците, тој модел ќе не врати назад – рече Трајанов.

Пред неколку дена група од 12 пратеници поднесоа иницијатива до Собранието за промена на изборниот модел.

Поврзани новости