Традицијата продолжува: Музиката на Александар Ристовски – Принц и Ѓорѓи Крстевски финансирана со буџетски пари

by fokus

Музичарите Александар Ристовски – Принц и Ѓорѓи Крстевски се најдоа на листата на Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2020 година, кои минатата недела ги објави Министерството за култура.

Нивните имиња се објавени на листата за музичка и музичко – сценска дејност и според податоците од министерството, на Принц му се одобрени 350.000 денари за проект насловен ,,Фам Фатал”. Дали станува збор за финансирање на песна, на музички албум или пак некој културен настан, нема податоци.

На истата листа за музичка и музичко-сценска дејност се наоѓа и неговиот колега Ѓорѓи Крстевски, кому за проектот ,,Со изворот, во Европа”, му се одобрени 150.000 денари буџетски пари. И за овој проект нема податоци што точно претставува, дали се работи за снимање на песна со тој наслов, музички албум или пак некоја манифестација.

Јавноста се сеќава на музичарите и на нивните реакции пред две години, кога најавија тужби бидејќи останаа без државна помош за домашна музичка продукција, откако МРТ и Министерството за култура се договорија да ги поништат одлуките за распределба на субвенции.
Тогаш Принц требаше да добие 9.000 евра буџетски пари, за три нови нумери, а беше рангиран како врвен изведувач.

Ѓорѓи Крстевски пак, кој исто така остана без државната помош, преку ,,Фокус” апелираше до тогаш актуелниот премиер Зоран Заев, барајќи од него да се ангажира, бидејќи авторите биле измамени и оставени на цедило.
Тој тогаш исто така откри дека во изминатите три години, ако се одбијат даноците, добил 12.500 евра државни пари за музика, сума за која тврдеше дека пејачи од соседството кај нас ја заработуваат за еден настап.

Сепак, јавноста ги дочека на ,,нож” тврдењата на незадоволните автори, а социјалните мрежи беа преполни со коментари во стилот дека се фрлаат народни пари за песни кои што никој не ги слушнал, односно не се популарни и немаат никаков придонес за промовирањето на музичката култура.

Како потсетување, доделувањето на субвенции за поттик на домашната музичка индустрија започна да се применува во 2014 година, а според Закон, музичарите добиваа околу 512 илјади евра годишно. Следуваа низа на критики на сметка на музичарите, но и на политичарите кои го донеле овој закон, (беше донесен во времето кога министерка за култура беше Елизабета Канческа Милевска), за да во 2018 година биде укинат, во време кога министер за култура беше Роберт Алаѓозовски, под образложение дека не покажал позитивни резултати.

На листите со субвенционирани музичари изобилуваше од имиња кои беа непознати за поголемиот дел од јавноста, но имаше и такви кои беа наградувани секоја година, и тоа по неколку пати. За жал, многу од финансираните песни, никогаш не станаа хитови кои што би се вртеле на радио станиците, или пак се најдоа на некоја од актуелните хит – листи.

Деновиве, повторно се актуелни критики и негодувања од страна на јавноста, но и од многу културни работници и уметници, по повод распределбата на финансиите за проекти од културата, и чести се коментарите дека голем број на наши уметници едноставно свикнале да се финансираат со државни пари, и покрај тоа што јавноста од нив ниту слушнала, ниту пак видела конкретни резултати во областа на културата.

Наградените проекти се поделени во десет дејности, а сумата одобрена за сите заедно изнесува околу шест милиони и петстотини и петнаесет илјади евра буџетски пари.

Дали финансираните проекти овој пат ќе бидат оправдани од страна на уметниците, останува да се види и слушне на дело, а ако се водиме според народната – Колку пари, толку и музика, јавноста со право треба да очекува многу квалитетна музика и културни програми наредната година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости