Тоше Зафиров го носи Жељко Самарџиќ на македонски панаѓур

by fokus

Светскиот вицешампион во бодибилдинг и поранешен телохранител на Никола Груевски, Тоше Зафиров, го носи популарниот балкански пејач Жељко Самарџиќ на панаѓур во Неготино.

Најдобриот македонски бодибилдер, кој што веќе неколку години наназад се занимава со угостителство и е еден од сопствениците на популарниот хотел ,,Парк,, во Неготино, решил на своите сограѓани за време на традиционалниот неготински панаѓур, кој што се одржува секоја година од 21 до 23 септември, да им приреди незаборавно доживување со целовечерен концерт на познатиот шармер од естрадата. Гостувањето на Самарџиќ е закажано за 22 септември, а уредувањето на летната тераса на хотел ,,Парк,, каде што ќе настапи Жељко, веќе започнало.

,,Според мене, Жељко е еден од најдобрите пејачи кои што блеснале на балканската сцена во изминативе неколку децении. Затоа и се решив да го поканам, да ни гостува за време на традиционалниот панаѓур во моето Неготино, настан кој што се одржува речиси еден век наназад и привлекува голем број на посетители. Покрај Самарџиќ, гостите ќе ги забавува и македонскиот поп пејач Јоце Панов. Просторот каде што Жељко ќе има целовечерен настап веќе се уредува, планираме многу изненадувања за гостите. Мислам дека Неготино, градот во кој што израснав, заслужува еден ваков настан,, – вели Зафиров, додавајќи дека Самарџиќ е еден доста скромен човек, кој што немал некои посебни барања околу престојот во Неготино, и многу се израдувал што ќе има можност да присуствува на панаѓурот.

tose zafirov2

Тоше е роден во неготинското село Тимјаник, и од својата шеснаесетта година започнал да се занимава со бодибилдинг. Околу три години беше дел од обезбедувањето на Никола Груевски, а потоа во 2008 година се повлече од оваа функција и целосно се посвети на вежбањето, а потоа отвори и своја теретана во Скопје, каде што денес живее со семејството. Вели дека започнал буквално од нула, и е горд на сите свои професионални, но и приватни успеси. Од пред три години, и неговата сопруга Габриела се посвети на бодибилдингот, и веќе учествува на разни натпревари. Околу неговиот угостителски бизнис, вели дека најголема мотивација му било да даде свој придонес во развојот на Неготино, да им понуди на неготинчани катче каде што ќе се случуваат голем број на културни и забавни настани, и да го заживее хотел ,,Парк,, објект кој што со години наназад е симбол на градот и каде што своевремено се одржуваа многу манифестации, па дури и официјален избор на Мис Југославија во седумдесеттите години на минатиот век.

Скромниот шампион, кој што на Македонија и донесе голем број на титули, пред два месеци се закити со сребрен медал во тешка категорија, на Светското првенство во бодибилдинг кое што се одржа во Копер, Словенија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости