Торнадо ја погоди Чешка, повеќе од 200 повредени, има и мртви

by fokus

Силно невреме со грмотевици и торнадо вечерва ја погоди покраината Јужна Моравија во Чешка. Тамошните медиуми јавуваат дека има и мртви, но не се знае точниот број. Ројтерс јавува дека се повредени најмалку 150 лица, но Indes.cz објави дека само 200 повредени се примени во болницата во Ходонин, а други повредени, меѓу кои има и деца се носат во други болници.

Болницата во Ходонин потврди дека меѓу хоспитализираните има починати. Метеоролог на чешката телевизија изјавил дека торнадото било пријавено во градовите околу Ходонин, долж австриската граница и 270 километри југоистоично од Прага и дека ветровите биле со брзина од 267 до 322 километри на час. Ова е најсилното торнадо во модерната историја на Чешка и прво од 2018 година.

Најмногу се погодени седум места, а делови од овие села и места се срамнети со земја. Јужноморавскот регион прогласи состојба на опасност за регионите Бжецлав и Ходонин. Според последните официјални информации, над 121 илјади домаќинства се без струја. Снимките и фотографиите на социјалните мрежи покажуваат куќи и цркви без кровови, разбиени прозорци, но и објекти кои се потполно уништени, срушени стебла и уништени автомобил.

Јужноморавските пожарникари имале преку 300 повици за саат време. -Имаше неколку автобуски несреќи, срушени кровови и луѓе поплавени во куќи, рекле пожарникарите.

Гувернерот на Јужна Моравија, Јан Гролич, свикал кризен штаб. -Ова е пекол, рече тој.

Според заменик-градоначалникот Марек Бабиш, половина од селото Хрушка во регионот Бжецлав е оштетено од торнадо.

-Половина од селото беше срамнето со земја, на куќите останаа само ѕидови без покриви, без прозорци. Црквата нема покрив, автомобилите беа фрлани кон семејните куќи, луѓето немаа каде да се сокријат. Селото од црквата надоле, практично не постои. Училиштето нема фасада, нема покрив, рече тој.

Австрија испрати 20 амбулантни возила и два медицински хеликоптери во Јужна Моравија.

Поврзани новости