Здружението за заштита на правата на акционерите на Топлификација АД пред десетина дена јавно упати прашања до Владата на РМ поврзани со државната помош дадена на ТЕ ТО АД, но се уште, како што велат, не добиле никакви одговори на нивните прашања, од кои едно гласеше дали владата, давајќи државна помош, станала банка-кредитор на осомничени фирми и дали има функционер во владата кој посебно ургирал за ова кредитирање?
Во меѓувреме, владата даде изјава за порталот Фактор, во која објаснува дека го одложиле плаќањето на ТЕ-ТО по основ на данок на добивка, која, според владата, де факто не постоела, бидејќи добивката била настаната фиктивно по основ на отпишани обврски врз основа на Планот за реорганизација, одобрен и усвоен со судска одлука од 2018 година.
„Во тој случај „отпишаните обврски“ согласно Планот за реорганизација повторно ќе се трансформираат во реални обврски на компанијата спрема доверителите и ќе немаат третман на добивка, а со тоа и даночната обврска – данокот на добивка за 2018 година по основ на отпишани обврски, повеќе нема да постои и државата нема да ја наплати“, велат од Владата за Фактор.
После ова, денес повторно реагираа од Здружението на акционери на Топлификација АД, од каде посочуваат дека за разлика од Владата, ревизорската куќа којашто го ревидирала извештајот на друштвото за 2018 година утврдила дека добивката постои, па дури УЈП пресметал и данок на добивка.
„За да нема дилеми ниту во Владата ниту во прес службата на Владата, добивката постои и тоа многу реално и тоа го знаат Топлификација АД и ред други фирми кои се оштетени за над 40 милиони евра. Таа штета на овие фирми е дел од 120 милионската добивка на ТЕ ТО АД за 2018 година. За ТЕ ТО АД да покаже реална добивка, од 120 милиони евра, Топлификација АД во лажниот стечај на ТЕ ТО АД претрпела огромна штета од над 33 милиони евра на денешен ден, согласно на пресудата на Врховен Суд на РСМ“, велат од Топлификација.
Од таму додаваат дека стечајот и Планот за реорганизација за ТЕ-ТО се ништовни, од поради што Топлификација и Управата за финансиска полиција поднесоа кривични пријави.
„Загубите кои ТЕ ТО АД ги прави од 2014 до 2016 година се последица на јавното признание изнесено во Планот за реорганизација на ТЕ ТО АД за кој Владата многу се грижи да не пропадне. Во тој План за реорганизација е јасно посочено дека загубите се и поради условеноста ТЕ ТО АД да купува гас од дефинирана офшор фирма и да продава електрична енергија на дефинирана трговска фирма која електричната енергија треба да ја извезе од државата. Ваквото јавно признание значи непазарен извоз на електрична енергија од државата и непазарен увоз на природен гас во државата. Оваа пракса е школски пример за перење пари“, велат од Топлификација.