Топалов: Георгиевски треба да ги убеди граѓаните дека Бугарија е најблиска и најдобронамерна земја кон Македонија

by Fokus

Бугарскиот професор Кирил Топалов, кој е член на мешовитата македонско-бугарска историска комисија, вели дека поранешниот премиер на Македонија Љубчо Георгиевски треба да ги отвори очите на сограѓаните, а не на народот во Бугарија.

-Љубчо Георгиевски треба да се бори за каузата за која зборува, но не во Бугарија, туку во Република Северна Македонија. Во Бугарија сме свесни за историската вистина и тој нема што да ни ги отвора очите, вели Топалов во интервју за БГНЕС.

Ваквата негова изјава доаѓа по интервјуто на Георгиевски во емисијата „360 степени“ во кое најави дека ќе отпатува во Бугарија за да разбие неколку тези во бугарската јавност и да го образложи неговиот став.

По неговиот телевизиски настап, новинската агенција БГНЕС вчера објави текст дека поранешниот македонски премиер и основач на ВМРО-ДПМНЕ во наредните денови ќе пристигне во Бугарија за да помогне во решавањето на тековните спорови меѓу двете земји, како и дека тоа ќе се реализира откако тој неодамна имал разговор со премиерот Зоран Заев.

Зборувајќи за ова, Топалов, во интервјуто кое денеска го објави БГНЕС, порачува дека Георгиевски треба да ги убеди своите сограѓани да престанат со антибугарската кампања.

-Тоа е апсурд затоа што Бугарија се бори за Македонија. Ние први ја признавме нивната независност во 1992 година и им помогнавме кога имаа ембарго, им дадовме тенкови и топови за да се бранат. Ги спасивме од одмаздата на диктаторот Слободан Милошевиќ, вели Топалов.

Георгиевски, порачува тој, мора да ја смени самосвеста на македонското општество и треба да го убеди дека Бугарија е најблиска и најдобронамерна земја кон Македонија.

Кирил Топалов
Бугарскиот професор ги коментира и македонските медиуми, велејќи дека е крајно разочаран од тоа што се гледа дека на телевизиите се емитува „бесен бран на антибугаризам“.

„Прикажуваат ужасни карикатури за бугарските политичари, а во исто време сакаат истите овие политичари да ги прифатат во ЕУ. Не може така“,

вели Топалов.

Поврзани новости