Топ шефови го напуштаат Twitter по преземањето на Маск

by Fokus

Twitter потврди дека двајца од топ-шефовите ја напуштаат компанијата. Социјалните мрежи доживуваат еден од најголемите пресврти откако Елон Маск ги објави своите планови да ја купи компанијата.

Двајцата кои заминуваат се раководители на базата на потрошувачи и управувањето со приходите. Покрај тоа, од оваа недела, компанијата престана да вработува нови луѓе, со исклучок на „критичните за бизнисот улоги“.

Кајвон Бејкпур, кој претходно го водеше потрошувачкиот оддел на Twitter и Брус Фалк, кој ги следеше приходите, во четвртокот напишаа дека заминувањето не е нивна одлука. Бејкпур рече дека моментално бил на татковско отсуство и дека бил разочаран што г-дин Параг Агравал го замолил да замине, кој „сака да го води тимот во друга насока“.

„Ќе појаснам дека и мене ме отпуштија (од Параг), изјави Фалк, цитиран од Би-Би-Си.
Сепак, се чини дека подоцна го избриша својот твит. Во неговата биографија на Twitter веќе пишува „невработен“.

Џеј Саливан, кој ја предводеше единицата за потрошувачи за време на одморот на Бејкпур, ќе стане постојан шеф на одделот. Тој ќе го надгледува и тимот за приходи додека таму не биде назначен нов шеф.

Се чини дека аналитичарите на пазарот гледаат некаква поврзаност помеѓу заминувањето на двајцата врвни шефови и изјавата на Маск дека треба да се укине трајната забрана за профилот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Маск смета дека трајните забрани треба да важат само за ботови и профили кои генерираат спам. Така, милијардерот јасно стави до знаење дека „Трамп мора да се врати на Twitter“.

Самиот Трамп изјави дека нема амбиции да се врати на Twitter. Наместо тоа, тој сака да развие своја социјална мрежа, Truth Social.

Поврзани новости