Тони Зен: Невкусно е да се жалиме, но со купување на албуми слушателите можат да им помогнат на музичарите

by fokus 16:50
16:50

Тони Зен, продуцент и еден од најпопуларните рапери во земјава, од неодамна започна да работи како ски инструктор. За „Фокус“ вели дека состојбата со пандемијата поради која најмногу настрада музичката сцена е јасна, и како во периодов додека трае забраната за настапи, се пронашол во оваа професија, на ски терените во земјава.

-Скијам уште од дете, зимските спортови се моја голема пасија. Состојбата со забраната за настапи е таква, како што на сите ни е познато, и морам како и сите мои колеги од сцената, да бидам истраен. Како ски инструктор подработувам, колку што дозволуваат условите. Ова е исклучително одговорна, а истовремено и благородна професија, периодов не снимам нови материјали, па сум ориентиран кон ски терените – вели музичарот.

- Advertisements -

Додава дека би сакал да упати апел до јавноста, до слушателите, со цел да им помогнат на своите омилени музичари, во периодот додека трае забраната за настапи, доколку се во можност да ги купуваат нивните албуми.

-На мојата официјална страница објавив дека моите албуми можат да се купат и онлајн. Можат да се порачаат на страницата, доставата низ цела Македонија е бесплатна. Нема потреба за повеќе објаснувања, нема потреба да се жалиме, неблагодарно е во ова време, кога речиси секој сектор е погоден од кризата, кој повеќе, кој помалку. На сите им е јасна состојбата на естрадните работници. Со купување на албумите може да им се помогне на нашите музичари. Секоја поддршка е добредојдена – порача Тони Зен.

Тој се појави на сцената кон крајот на деведесеттите години, а по неколку години веќе беше еден од најпопуларните рапери во земјава. Има шест студиски албуми, и во минатото одржа голем број на концерти за кои се бараше влезница повеќе. Во 2010 година настапи како предгрупа на концертот на 50 Cent кој се одржа во салата “Борис Трајковски” во Скопје. Истата година го одржа и својот прв солистички концерт во Антички театар во Охрид.

Пред две години со сопругата Валентина го добија синот Јасен, но никогаш не сакал да го експонира приватниот живот во јавност.

Вики Клинчарова

Поврзани новости