Тони Јакимовски, осомничен во „Тврдина“, на распит во СЈО

by fokus

Тони Јакимовски, шеф на кабинет на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и второосомничен меѓу петте во случајот „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, денеска дојде на распит во СЈО, објави порталот „Сакам да кажам“.

Јакимовски е и еден од 56-те помилувани на листата за колективна аболиција на претседателот Ѓорѓе Иванов што сега е повлечена.

Во случајот „Тврдина“ петмина се осомничени дека лани ја искористиле својата службена положба за да ја уништат опремата од нелегалното прислушување, вредна 10 милиони евра. Првоосомничен е Горан Грујовски, кој беше началник на Петтата управа на МВР, а кого министерот Митко Чавков го разреши на 20 јули, второосомничен е Јакимовски, третоосомничена е поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, четвртоосомничен е вработен во МВР кој обезбедил логистичка поддршка за спроведување на уништувањето на опремата, а петтосомничената е техничка архиварка во МВР.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во понеделникот соопшти дека во периодот што следи ќе има зголемена фреквенција на лица во нејзиното Јавно Обвинителство, но таа нема да открива детали за предистражните постапки.

Поврзани новости