Толку чини слободата

by fokus 23:15
23:15

Никогаш нема да си простам себеси што останав да си го трошам талентот во оваа вукојебина. Никола Младенов своевремено праша: „Колку чини слободата“? Пет милиони евра, господине Младенов!

Јанаки МИТРОВСКИ

Општо е познат кривичниот предмет воден против Џон Готи, тогашен шеф на организираното криминално семејство Гамбино од Њујорк. Во својот четврти обид, обвинителството успеа да го осуди Готи, трите обвиненија против него претходно беа неуспешни (поради поткуп на поротници, што е подоцна процесуирано). А успеа да го осуди благодарение на сведочењето на неговиот заменик Семи Гравано.

Како дел од спогодбата, Гравано сведочи против својот шеф, признава дури деветнаесет убиства и добива само три години затвор. Сродните професии во САД, значи адвокати, обвинители и судии, оваа спогодба ја нарекуваат спогодба на векот, и со право, ако се знае дека за убиство од прв степен, во САД се добиваат дваесет и пет години до доживотно.

СПОГОДБА НА ВЕКОТ

Спогодба на векот штотуку доби и Орце Камчев за помпезно најавуваниот предмет почнат од СЈО (кој патем и го потопи СЈО), Камчев веќе платил пет милиони евра на име штета и се спогодил на една година затвор, која патем ќе се покрие со притворот. Со други зборови, барем за овој предмет, Камчев затвор нема да види.

Ако се има предвид неговото сведочење за плацови на Водно, кое е 180 степени различно од она дадено во обвинителството, евидентно е дека и тука казната ќе биде идентична, а бидејќи и на тој предмет имаше притвор, решетките се веќе минато за Јордан Камчев.

Лиле Стефанова, како предметен обвинител што го работи „Империја“, кога сведочеше во предметот „Рекет“, велеше дека не го прифаќала предлогот на Катица Јанева, Орце да плати штета и да не лежи. Две години подоцна, се согласува на истото, и демек една година, која нема да се лежи. Фали уште Гордана Јанкулоска како папагал да ни повторува дека сè е според Уставот и законот.

Како адвокат, никако нема да правам компарации со други предмети, бидејќи за правник тоа е недозволиво. Не би си дозволил себеси да бидам како серија наши правници што се занимаваат со политика и стануваат политиканти. Но, како на оваа вест за спогодба да се чувствува моја странка, на која пред една недела ѝ беше изречена казна затвор од две години поради садење две стебла канабис од кои правеше масло за својот татко, кој е со невролошка дијагноза и не можеше сам да оди ниту до тоалет?

ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ДВЕ СТЕБЛА КАНАБИС

За волја на вистината, мојот властодавец беше на условно, осуден пред една година за буквално истото – садење две стебла, од идентични побуди. Но, тоа не го менува фактот дека канабис не продавал, не печалел, туку го чинел тоа од благородни побуди. Мојот клиент, за жал, не е Орце Камчев, па да добива привилегии и особено спогодби со обвинителството.

Мојата драга пријателка Жана Живадиновиќ, наставник во средно училиште, по повод лакрдијава, на Фејсбук напиша: „Тоа што децата се неписмени и незаинтересирани за учење, не е вина исклучиво на наставниците. Уште на 5 години знаат дека само парите се ценат, а не знаењето. Целиот систем вака поставен не мотивира, ниту вреднува знаење, учење, талент. На цена е само криминал и врски. Голем поздрав до исклучително интелигентни поединци, кои сè уште знаат самосвесно да проценат дека знаењето еден ден ќе им вреди. Не тука, секако. Некаде надвор од Македонија.

И јас не можам да бидам посогласен со мојата другарка. Никогаш нема да си простам себеси што останав да си го трошам талентот во оваа вукојебина. Никола Младенов своевремено праша: „Колку чини слободата“? Пет милиони евра, господине Младенов!

Поврзани новости